Назад

Чекор по чекор водич за оние кои првпат почнуваат со барање работа

Вистина е кога велат: „Барањето работа е работа само по себе, само што не е платена“.

Подготвувањето на сѐ што ви е потребно не е воопшто лесна работа – од креирање резиме и CV до подготвување за интервју.

Всушност, може да биде многу тешко, особено ако се работи за вашето прво барање работа и почнување од „нула“.

Тајната е во тоа да одите чекор по чекор. Искористете го овој водич со сите потребни чекори за да ви се олесни работата во целиот процес на пребарување работа.

1. Креирајте резиме/CV

Овој чекор, како за почеток е навистина тежок, особено ако уште студирате или туку што сте завршиле и немате никакво работно искуство. Но, сепак, може да имате повеќе искуство отколку што си замислувате.

Тука влегуваат сите пракси, волонтерски работи, или лидерски позиции од учество на професионални кампови и обуки.

2. Изградете професионална мрежа од луѓе

Има вистина и во клишето: „Не е важно што знаеш, туку кого знаеш“. На крајот на краиштата, препораките се најдобар начин на кој може да добиете работа, а затоа градењето на професионална мрежа од луѓе е многу важна и неопходна.

Можеби тоа звучи исфорсирано и тешко, но не мора да биде така. Тоа може да бидат професори од факултетот кои може да ви помогнат во областа во која сакате да се градите понатаму, ментори, или други луѓе кои може да ги запознаете на различни обуки, пракси, семинари, конференции итн.

Не ги избегнувајте настаните каде што можете да запознаете луѓе кои може да ви помогнат во вашата понатамошна кариера.

3. Проверувајте ги огласите за работа

Еден од најбрзите начини да дознаете за слободни работни места е онлајн пребарување на сајтовите со огласи за работа.

Тука, можете да пребарувате по работна позиција, компанија, локација, индустрија, но може и да го прикачите вашето CV, за работодавачите кои бараат кандидати, да може полесно да дојдат до вас.

4.Опишете се во мотивационо писмо

Работодавачите сѐ почесто бараат од кандидатите мотивационо писмо, за да може да дознаат нешто повеќе за нив, а вие ќе имате шанса да се претставите себеси и да објасните зошто мислите дека би биле добар избор за компанијата и позицијата.

Писмото нека биде кратко и јасно и секојпат прилагодувајте го според компанијата и позицијата за која аплицирате, бидејќи искусните менаџери знаат да забележат кога користите генеричко мотивационо писмо, кое го праќате на сите компании.

5. Преминете веднаш на изворот

Секогаш сте сакале и замислувале дека ќе работите за некоја конкретна компанија? Ако имате компанија на ум, во која сакате да работите, посетете го веднаш нивниот сајт или пребарајте дали имаат објавено оглас за некоја слободна работна позиција.

Повеќето компании имаат посебна категорија „кариера“ со информации за слободните можности и бенефити. Во некои компании дури може и да се регистрирате, или само да испратите CV, за кога ќе има во иднина отворени работни места да ве повикаат на интервју.

6. Не заборавајте на социјалните мрежи

Социјалните мрежи може да бидат на ваша страна, но може да имаат и негативен ефект врз вашето барање работа.

Мора да знаете дека половина и повеќе работодавачи ги проверуваат профилите на кандидатите на социјалните мрежи.

Имате нешто на вашиот Facebook, Instagram, или Twitter, што не сакате потенцијалните работодавачи да го видат? Тргнете го, или сменете ги опциите за приватност.

Друго што треба да знаете е дека многу компании ги користат социјалните медиуми за да се рекламираат и да објавуваат отворени работни места, па затоа следете што повеќе компании.

Не само што е лесен начин да дознавате за работни можности, туку е и добар начин за комуницирање, поставување прашања и може да дознаете повеќе за работењето на компанијата.

7. Бидете најдобри на интервјуто

Ве повикаа на интервју? Завршете си ја домашната задача, дознајте сѐ што треба, прочитајте совети за интервјуата, дознајте кои се најчесто поставуваните прашања и подгответе ги вашите одговори, облечете се адекватно и импресионирајте ги работодавачите со вашите способности и квалитети.