Назад

За оние кои бараат втора работа: Како да направите баланс помеѓу повеќе работи?

Кога часовникот ќе покаже 16.00 часот, за најголем дел од вработените е крај на работниот ден. Но, не за сите.

Ако работите повеќе работи, или планирате да си најдете дополнителна работа, после 16 часот, време е да го пренасочите вниманието и да го поминете остатокот од денот и вечерта во работење за другата работа.

И на крај, имате само уште неколку часа спиење пред да започне новиот ден и пак сѐ од почеток.

Работењето повеќе работи веќе не е толку ретко, без разлика дали се работи за штедење повеќе пари, почнување на сопствен бизнис или стекнување пробно искуство. Многу луѓе се охрабруваат да започнат со втора работа која ќе ја работат од дома.

Но, со рани утра и доцни ноќи и претерано многу одговорности и задачи за кои треба да се грижите, навистина е тешко да најдете баланс помеѓу исполнување на обврските и одржување на нормален живот.

Доколку се двоумите дали да најдете или да прифатите втора или трета работа, вие најдобро знаете дали треба да го направите тоа, но ние ве охрабруваме со неколку совети кои ќе ви помогнат да успеете:

Најдете брзи решенија за животниот стил

Кога работата ќе ја преземе контролата, другите неопходни работи како здрав балансиран живот, често се ставаат на последно место.

Мислевте дека е тешко да подготвите ручек или да вежбате кога имате една работа? Додадете втора (или трета) и тоа станува речиси невозможно.

Според професионалците, не треба денот да ви се состои само од работа, бидејќи така нема воопшто да бидете продуктивни, особено со онаа втората работа. Најдобро е да се одржувате физички активни и да го полните телото и умот со енергија која ќе ви овозможи полесно да се справите со обврските.

За време на пауза, прошетајте или качувајте се и симнувајте се по скалите кои се во близина на вашата работа или дом (доколку работите од дома).

Испланирајте си ја неделата однапред

Доколку не се грижите и не го следите постојатно вашиот распоред за работа, неочекувани настани може лесно да „искрснат“ и да ја уништат вашата продуктивност.

Таман помисливте дека имате слободна вечер за да работите на вашата втора работа, вашиот шеф од првата работа ве потсетува дека мора да присуствувате на некој настан и автоматски работата ви се одолговлекува.

За да се придржувате до вашите приоритети, одвојте време од викендот и испланирајте ја цела недела. Направете распоред за вашата работа, состаноци, настани и на крај ќе знаете како да го организирате и слободното време, доколку ви остане.

Со добра организација ќе можете многу полесно да постигнете повеќе работи, без нервоза и потешкотии, а ќе бидете и поефикасни во работата.

Давајте си одмор

Доколку барате втора работа, обидете се да најдете некоја со флексибилно работно време, а потоа доколку сте во можност земете си барем еден слободен ден во неделата.

Ако тоа не е возможно, одберете неколку часа во денот (не мора секој ден), во кои ќе одмарате и нема воопшто да размислувате на работата која ви останала, што нѐ носи до следната точка:

Кога не работите, немојте да мислите на работата

Кога работите на повеќе места и обврските ви се мешаат - за едната работа се грижите за трошоци и крајни рокови, а за другата размислувате дали сте завршиле нешто друго, нормално е дури и кога моментално не работите, паметот да ви е во тоа, наместо да се релаксирате – што целосно го саботира и тоа малку време за одмор што сте си го дале.

За тоа, не постои некое магично решение, освен што може да си го олесните процесот, со „to-do“ листи, каде за секоја работа посебно ќе водите евиденција што треба да завршите и што сте завршиле.

Кога ќе ви бидат штиклирани повеќе работи од двете работни места на листата, ќе можете полесно да одмарате, знаејќи дека задачите се завршени.

Не заборавајте на вашата крајна цел

Да бидеме реални – сигурно не работите повеќе од една работа и 100+ часови неделно, само затоа што ви е досадно и немате што попаметно да правите.

Можеби се обидувате да отплатите долгови, штедите за нешто големо, работите пробна хонорарна работа, бидејќи сакате да видите како ќе се снајдете во некоја нова област, или пак работите на некој сопствен нов бизнис.

Која и да е причината, дополнителната работа ве носи сѐ поблиску до вашата цел.

Затоа е важно секогаш да ја имате на ум крајната цел и да запамтите дека тоа е всушност крајна. Тоа значи дека нема засекогаш да работите толку работи, туку само додека да дојдете до посакуваната цел.