Назад

Прашања кои треба да ги поставите на интервју за да одберете најдобар практикант

Добар практикант може да биде од огромна помош за вашиот професионален живот, бидејќи ќе имате време да се посветите на поголеми работи кои чекаат на вас да завршите со сите останати обврски.

Од друга страна, ќе имате можност да бидете ментор и да ги развивате вашите лидерски и менаџерски способности.

Но, може да се случи практикантот и да не е толку добар како што сте замислувале, а тоа може да донесе повеќе негативни од позитивни работи.

Тоа може да се случи поради тоа што повеќето практиканти немаат некое големо искуство, па затоа пред да склучите договор со некој, треба добро да изберете.

Секако, за тоа најмногу ќе ви помогне интервјуто, преку кое ќе дознаете какви вештини поседува кандидатот, дали ѝ одговара на вашата компанија и други работи кои сакате да ги знаете.

Дали имаат вештини и способности?

Кажете ми нешто повеќе за вашите волонтерски и практични искуства

Волонтерските искуства може да бидат неверојатно вредни за развојот на професионални вештини. Не мора кандидатот да имал претходно искуство каде работел за пари, бидејќи понекогаш е доволно да волонтирал некаде каде што се стекнал со многу организациски, лидерски и други способности кои можеби ќе ви бидат од корист.

Затоа побарајте од кандидатите да ви раскажат за тоа што научиле и кои се нивните искуства, за да можете полесно да одлучите како тие можат да придонесат за вашата работа.


Какви вештини сакате да стекнете од ова искуство и што можете да ни понудите на нас?

Во некои случаи, најдобро е да го поставите прашањето директно. Има кандидати кои поседуваат одлични вештини кои не се поврзани со никакво претходно искуство, а има и такви кои сакаат да научат нешто во одредена област, а вашата пракса ќе им го овозможи тоа.

Во секој случај, барајте кандидати кои размислувале и знаат што  ќе искористат од таа можност што им ја нудите и што ќе придонесат за вашата компанија.

Дали се заинтересирани за вашата компанија?

Зошто сакате практична настава овде?

Повеќето студенти само сакаат да најдат пракса затоа што мораат да ја имаат и ќе ја земат каде и да е.

Но, има и такви кандидати кои ќе дадат сѐ од себе и ќе работат напорно, бидејќи се возбудени што ќе имаат можност да учат за вашата индустрија и ќе аплицираат затоа што ја почитуваат вашата компанија и работата која ја имате.

Барајте луѓе кои навистина сакаат да му се приклучат на вашиот тим.

Што знаете за нашата компанија?

Како и на секое интервју за работа, така и на ова, ќе сакате кандидатот да покаже дека направил истражување за вас.

Поставете неколку прашања, чии одговори ќе ви откријат дали кандидатот ја завршил својата домашна задача. На пример, прашајте за кој оддел е најмногу заинтересиран и дали знае со што се занимавате.

Дали тие ќе се вклопат и ќе одговараaт на потребите на вашата компанија?

Кои се вашите очекувања?

Ова прашање може да ви помогне да дознаете дали кандидатот ја разбира работата на вашата компанија. Важно е и двете страни да дадат до знаење кои се нивните очекувања за работата, работното време и ако е платено, која е висината на надоместокот.

Кои се вашите планови и цели по дипломирањето?

Дознајте ги долгорочните планови на кандидатот за да видите за какви личности се работи. Тие не мора целосно да се вклопуваат во улогата и индустријата, но важно е да бидат барем на некој начин поврзани, за праксата да биде подобро искуство за двете страни, особено доколку постои можност практикантот да стане вработен.