Назад

Како да препознаете каков е вашиот потенцијален работодавач?

Најчесто, кога луѓето бараат работа, тие се посветуваат на работната позиција, какви обврски ќе имаат и останати информации за нивната работа.

Но, како за вработените, така и за оние кои бараат работа, од големо значење е да знаете каков е работодавачот.

Сигурно не сакате да имате некој над вас кој постојано ќе ви врши притисок, или кој нема да биде одговорен и ќе има лошо однесување.

Секако, не е лесно во половина час разговор да процените дали некој е лош или добар работодавач, но следните 5 совети ќе ви помогнат да откриете за каква компанија се работи:

Репутација на фирмата

Денес, интернетот е главен извор на информации, а социјалните мрежи и форумите се одличен начин да дознаете за каква компанија станува збор. На форумите можете да прочитате најискрени совети од луѓето кои имаат искуство во таа компанија или аплицирале за работа.

Доколку не дознаете доволно информации на интернет, можете да се распрашате кај пријатели и познаници. Во секој случај, дури и за време на интервјуто можете да побарате информации за компанијата од личноста која го води разговорот.

Однесувањето на работодавачот

Еден од најдобрите начини за проценка е да го набљудувате однесувањето на личноста што разговара со вас. За време на интервјуто за работа, фокусот треба да биде на вас, за да може работотдавачот да процени дали вие сте добар кандидат.

Доколку за успехот и постигнувањата на компанијата, тој зборува во прво лице еднина, тоа би значело дека тој не го почитува трудот на останатите вработени во компанијата, па веројатно и вашите заслуги нема да бидат признаени. Но, ако зборува за успесите како постигнување на сите вработени, тогаш пред вас имате одличен работодавач.

Какви односи владеат во компанијата?

Интерпероналните односи во компанијата се важен фактор. Кога ќе дојдете на разговор, обратете внимание на односот кој го имаат вработените меѓусебе – дали владее пријателска атмосфера или пак, има напната и негативна енергија.

Обидете се да забележите дали шефот ги поздравува своите вработени и каков е неговиот однос кога разговара со нив. Иако е многу тешко да забележите сѐ, бидејќи ќе бидете фокусирани само на вашето интервју, обидете се да ги впиете сите информации што ќе ги слушнете.

Како се однесува вашиот работодавач со вас за време на разговорот?

Дали тој доцнеше на интервјуто и ако е така, дали добивте извинување? Дали постојано гледа во часовникот како едвај да чека да заврши интервјуто или пак во телефонот додека вие зборувате? Доколку ги прави сите овие работи, најверојатно е незаинтересиран и несериозен, а големи се шансите дека таков и ќе остане.

Опис и цели на вашето работно место

Секое работно место има свој опис, а често се случува работата да бара повеќе обврски од тоа што е договорено на почетокот – што е сосема нормално.

Меѓутоа некогаш се случува и работадавачот да ви даде еден опис за работата, а од идните колеги, потоа да дознаете нешто сосема друго. Тоа може подоцна да доведе до ситуации каде нема да знаете што треба да правите, бидејќи вашите задачи не се јасни.

Затоа, барајте од работадавачот да ви даде што подетален опис за вашите обврски и цели кои мора да ги остварите.