Назад

Бидете успешни во барањето работа: 5 прашања кои треба да си ги поставите

За ефективно барање работа, потребно е многу време, внимание, трпение и многу напорна работа.

Затоа пред да започнете, бидете сигурни дека сте навистина подготвени - во спротивно, тоа ќе биде само губење време.

За да го забрзате процесот и да го направите помалку стресен и секако поуспешен, започнете поставувајќи си ги овие 5 прашања:

1. Дали знам што сакам?

За многу луѓе, ова e преочигледно прашање и воопшто не го ни помислуваат. Но, за да го постигнете тоа што го сакате, мора прво да знаете што точно сакате. Добро размислете пред да почнете да пребарувате.

Запрашајте се кој е следниот чекор кон кариерата што ја сакате. Или, доколку сѐ уште не знаете конкретно, одлучете што е тоа што со сигурност не го сакате или треба да го промените. И тоа е добар почеток.

Потоа донесете јасна одлука за карактеристиките на работните позиции кои ќе ги пребарувате, како на пример: индустрија, тип на компанија и локација.

2. Дали ги имам потребните вештини за работата која ја сакам? Ако не, што можам да направам?

Ова се две прашања во едно, но и двете се важни. Сега знаете што сакате и веќе барате отворени позиции. И, уште ако можете да кажете искрено дека ги поседувате бараните вештини – тогаш, честитки!

Ако не е така, без грижа. Секогаш можете да бидете подобри доколку се потрудите. На пример, можете да стекнете повеќе искуство или да научите нешто ново преку онлајн курсеви, или со прифаќање на пракса и волонтирање во некоја организација, а секако, доколку имате желба и можности, секогаш можете да го завршите потребното образование.

Сите овие работи ќе ви одземат време, но доколку тоа е она што навистина го сакате, зошто да не?

3. Кои се моите приоритети?

Со секоја работа ќе мора да правите различни компромиси, па затоа треба да знаете за кои услови може да преговарате, а кои од нив се ваши приоритети и остануваат непроменливи.

Можеби вие сакате да работите некаде каде работно време е флексибилно и постои можност за работа од дома, но доколку сите останати услови ви се исполнети, ова можеби и не е толку голем приоритет.

За сите ваши желби, поставете си го прашањето: „Дали е неопходно или само идеално?“. Направете една листа со неопходни работи и друга листа со работи кои ги преферирате, но не се задолжителни. Ова би требало да ја олесни вашата потрага по добра работа за вас.

4. Дали ги барам правилните работни места?

Земете ги во обѕир само огласите за позиции кои ги поминале горенаведените тестови. Многу е лесно во одреден момент од пребарувањето, да си кажете „Ќе аплицирам на сѐ што ќе најдам“, но да бидеме искрени – вие не сте вистинскиот избор за сите работни позиции и сите работни позиции не се вистинскиот избор за вас.

Затоа, дајте си поголеми шанси да бидете повикани на интервју. Запрашајте се: „Дали сум доволно квалификуван/а за да аплицирам за оваа позиција? Или, само сум оптимист?“

5. Дали пристапувам правилно?

До овој чекор, веќе треба да знаете што сакате и сте се потрудиле многу за да стигнете дотука, па затоа немојте да ја правите најголемата грешка - да не дадете сѐ од себе да се покажете во најдобро светло пред потенцијалните работодавачи кога ќе ја најдете посакуваната работа.

Како да знаете дали сте на добар пат? За почеток, дали вашата апликација е наменета посебно за секоја компанија во која аплицирате? Ако не ги правите вашето CV и мотивационо писмо различно според потребите за секоја компанија, тогаш вашиот пристап не е добар.

Треба добро да ја истражите компанијата и културата во неа и да ги употребите тие информации во вашата апликација, за да изгледате како одличен избор за нив. Напишете зошто сакате да работите за таа компанија, или уште подобро за конкретната работна позиција, и како вашето претходно искуство ве прави квалификувани за истата.

Дајте им до знаење на работодавачите дека со тоа што ќе ви го дадат работно место, вие ќе придонесете за успехот на компанијата.