Назад

3 стратегии за успешно да се справите со новата менаџерска позицијa

Унапредувањето во менаџерска или лидерска позиција, може да биде многу возбудливо и предизвикувачко искуство, посебно доколку тоа е нешто кон кое сте се стремеле подолг период.

Па, откако ќе заврши славењето и радувањето, време е да се спуштите на земја и да ја земете одговорноста на ваш грб.

Можеби ќе се чувствувате преоптоварени и несигурни за тоа што треба да биде вашиот следен чекор, бидејќи оваа позиција е непозната територија за вас.

За да може да се впуштите правилно во новата улога, фокусирајте се на следните неколку чекори, кои за почеток ќе ви помогнат да се движите во вистинска насока и да создадете вистинска гледна точка за новата позиција.

Оставете го егото пред вратата

На почетокот, ќе се чувствувате како да сте на врвот на светот – и со право ќе биде тоа така! Но, сега е време да излезете од улогата на докажување и да се насочите кон тоа како да се издигнете во вашата нова позиција.

Можеби сте биле многу успешни како обичен вработен, но не заборавајте – како менаџер/лидер почнувате сега за првпат. Ќе ви треба време да најдете начини за да докажете дека можете да бидете успешни и во менаџерска/лидерска улога, но тоа е сосема во ред.

Бидете трпеливи, љубезни, покажете понизност и прифаќајте совети од вашите колеги на иста позиција. На тој начин, ќе добиете респект од вашиот тим и ќе биде полесно да го водите.

Фокусирајте се на учење

Важно е да се фокусирате на раст на бизнисот и давање резултати, но не заборавајте на учењето. За да си обезбедите долгорочен успех, ќе мора да научите нешто за вашата нова бизнис средина.

Ова вклучува политика и култура на компанијата за која работите, како и стратегии со кои работи истата. Секој бизнис, секој департман и секој тим е различен, па затоа земете си време да дознаете што им треба, кои се нивните улоги, предности, што ги мотивира и покажете им дека сакате да работите со нив.

Начинот на работа, политиките на работа и културата како лидер, може да бидат различни од оние кога бевте само обичен вработен. Колку побрзо ги научите овие аспекти од бизнисот, толку посигурно ќе се чувствувате.

Градете односи

Како нов менаџер/лидер, ќе ви требаат сојузници и партнери кои ќе ве поддржуваат вас и вашата визија за департманот кој го водите.

Може да ги имате најдобрите идеи на светот, но доколку немате никој кој ќе ви помогне да ги имплементирате, тие се безвредни.

Важно е да одвојувате време за да ги запознавате вашите колеги кои се на исто ниво со вас, вашите вработени кои ги водите, и да успеете да ја придобиете нивната поддршка за остварување на сите идеи и визии.