Назад

Бидете најдобри на групно интервју за работа: 3 совети кои ќе ви помогнат во тоа

Интервјуто е најзастрашувачкиот дел од процесот на вработување, а дополнителен е стресот доколку истото не е индивидуално, туку групно.

Групните интервјуа не се многу чести, но сепак не се исклучок.

Па, доколку се најдете на такво интервју, добро е да ги имате следните мали совети „во ракав“ за да се истакнете помеѓу сите други.

1. Оставете значаен прв впечаток

Во обично интервју, секогаш се борите да бидете подобри од сите останати талентирани кандидати. Но, во групното интервју, вашите конкуренти се физички присутни во истата просторија со вас, што може да додаде дополнителен притисок.

Намалете го притисокот и стресот со тоа што ќе ја зграбите секоја можност да се издвоите од останати на некој од следните начини:

  • Изглед: бидете претставителни и професионални благодарение на вашиот изглед. Вашата коса нека биде уредна и одберете класични комбинации на облека.
  • Пристигнување: обидете се да стигнете на местото каде ќе се одвива интервјуто барем 10-тина минути пред договореното. Немојте да дојдете премногу рано за да не им пречите на вработените. Вашата точност ќе покаже дека не само што сте заинтересирани и подготвени за интервјуто, туку и дека имате одлични способности за управување со време – една многу важна карактеристика.
  • Поздравување: не заборавајте дека на групно интервју ве оценуваат и за вашиот однос и прифаќање на околината. Затоа упатете им насмевка на останатите, одржувајте нормален контакт со очите и претставете се. Покажете одреден интерес за другите кандидати, бидејќи сепак, една од причините за групните интервјуа е да тестираат колку успешно вие како индивидуи можете да функционирате во тим.

2. Бидете смирени и присебни

Немојте да бидете нервозни, бидете подготвени и реагирајте присебно на секакви ситуации и сѐ што може да изгледа чудно.

Секако, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи, но имајте на ум дека ве повикале на интервју, бидејќи во вас препознале некакви вредности.

Затоа бидете среќни поради ова и пренесете ја позитивната енергија кон самодоверба и сигурност дека ќе бидете најдобри на групното интервју.

3. Одржувајте баланс

Групните интервјуа тестираат голем број на вештини како лидерство, тимска работа, комуникација, способност за слушање, способност за управување со време, дипломатија и решавање на проблеми.

Од клучно значење е да ги потенцирате вашите способности, но без да се поставувате доминантно над останатите кои се дел од истиот процес.

Притисокот кој ќе го чувствувате во таа натпреварувачка средина, можеби ќе ве натера да се обидувате да ги надвладеете другите кандидати за да добиете поени, но обидете се да не го правите ова, би дејќи мора да покажете трпение и способност да функционирате во тим според правилата.

Добро составете ги и средете ги вашите мисли пред да избрзате со зборување. Но, зборувајте само кога имате да понудите нешто вредно и значајно за темата која е отворена.