Назад

Бидете убедливи во одговорот на прашањето: „Зошто треба да ве вработиме вас?“

Многу често прашање кое им го поставуваат на кандидатите на интервју за работа е „Зошто треба да ве вработиме вас?“.

Колку и да звучи чудно и тешко ова прашање, сепак е добра можност да се сумира сѐ и кандидатите да објаснат зошто тие мислат дека се добар избор за позицијата.

Можете да зборувате за вашите вештини, за тоа како се вклопувате во културата и сѐ останато што мислите дека може да ви биде од корист.

Во иднина, кога ќе ви го постават ова прашање, водете се по следниве 3 стратегии и бидете подготвени однапред за одговорот.

1. Вкрстување

Еден начин да одговорите на ова прашање е да кажете каде вашите интереси се вкрстуваат, односно - да кажете што ќе добиете вие со тоа што ќе ве вработат, а што работодавачот.

На пример, добрата страна за нив е тоа што ќе добијат ентузијастичен вработен, кои ги има потребните вештини за позицијата, а вие ќе имате можност и ќе бидете мотивирани да направите нешто корисно, да ги надоградувате вашите вештини и искуства и ќе успеете да бидете на чекор поблиску до успешна кариера.

Најважно од сѐ е да не го заборавите вториот дел каде што зборувате за вас и вашите предности од работата. Многу луѓе зборуваат само за тоа каков бенефит ќе има работодавачот од нив, но доколку објасните зошто оваа работа е добра за вас, ќе им дадете до знаење дека има нешто што ќе ве одржува мотивирани - а тоа го сака секој работодавач.

2. Експерт

Некои од спроведувачите на интервјуата го кажуваат отворено, некои други не, но треба да знаете дека целосното прашање е: „Зошто треба да ве вработиме вас, а не некој друг?“.

Ако веќе неколку пати за време на интервјуто сте ги напоменале вашите вештини и искуства, можеби подобар пристап е да покажете што вие имате, а другите немаат.

Со оглед на тоа што се натпреварувате со кандидати со слични квалификации, во овој момент најдобро е да ја истакнете вашата посветеност на улогата која ќе ја имате во компанијата.

За да го направите тоа, покажете длабоко знаење за бизнисот и за тоа како вие се вклопувате во истиот. Ова, секако бара добро истражување на компанијата, за да може да зборувате за уникатноста, историјата, иднината и вашиот личен влог во целата таа приказна.

Со покажувањето на вашето големо познавање, презентирате неколку намери: покажувате дека сте заинтересирани за позицијата, се истакнувате како кандидат кој може полесно да се обучи за разлика од другите кандидати и демонстрирате како се справувате со нешто во кое сте целосно вложени.

3. Решавач на проблем

Понекогаш, работодавачите отвараат работни позиции, бидејќи имаат некој проблем кој треба да се реши и за таа цел им треба некој на тоа место.

Преминете веднаш на главното, бидете директни во одговорот и објаснете детално како можете да понудите идеално решение за компанијата во тој момент.

Немојте да го трошите целото време зборувајќи за вашите минати искуства, туку фокусирајте се на тоа што планирате, што можете да направите во иднина и како можете да ја олесните работата на компанијата, менаџерите и останатите вработени.

Со ова ќе покажете дека размислувате однапред за понатаму, дека сте тимски играч и дека сте подготвени да започнете со полна енергија.