Назад

Предности и придобивки кои ќе ги имате со прифаќање на работа во странство

Работата во странство е голем чекор, но е интересно искуство, гледано од професионален и личен аспект.

Тоа секако не е за секого, бидејќи не сите се подготвени на таков чекор, но тешката економска ситуација сѐ почесто ги тера луѓето да бараат можности за работа во странство.

Добра страна е тоа што ќе ви ја зајакне кариерата и ќе ви овозможи понатаму подобри работни места, со оглед на тоа што во вашето CV ќе стои дека имате искуство од странство.

А, еве уште 5 причини кои може да ве поттикнат да согледате дека работата во странство е добра за вашата кариера и личниот развој:


1. Ќе станете поприлагодливи

Во секоја земја има различни вредности, манири, култура и однесување на работно место. Кога ќе почнете да работите во друга земја, ќе морате брзо да се приспособите на сите тие разлики.

Иако драстичната промена може да ве фрустрира, сепак ќе ве научи да станете пофлексибилни, поотворени, разумно да пристапувате на работите и на другите луѓе.

Тоа ќе ви ги подобри професионалните односи со колегите и ќе ви се развијат комуникациските способности.

2. Ќе се прошират вашите хоризонти

Без сомнеж, патувањата ги шират вашите хоризонти. Соочувањето со нови култури, јазици, обичаи, или традиционална кујна, ве збогатува на личен и професионален план.

Ќе сретнувате луѓе кои ги немаат истите вредности како вас, а сепак ќе се спријателувате со истите и така се менувате и растете како личност.

3. Ќе ве поттикне да преземете ризици

Секоја работа во странство си носи некој ризик, кој треба да го преземете со прифаќањето на работата. Ризикот е застрашувачки, неочекуван и непредвидлив. Но, тој ви дава можност да ги истражите вашите таленти, интереси, способности и соништа.

Ќе научите како да поставувате јасни цели и како да ги остварите. Ќе научите да се справувате со различни проблеми и препреки на кои ќе наидете. И најважно од сѐ, е дека тоа ќе ви овозможи да ги победите сопствените стравови кои најчесто се кочница за успех и кариера од соништата.

4. Ќе развиете нови вештини

Работата во странство ќе ве натера да гледате на работите од различна перспектива. Вашиот нов работодавач ќе ви пренесе знаење и вештини кои ќе ве направат поефективни на работното место.

Така, ќе добиете подобар увид во работната околина, па со цел да се вклопите во истата, па дури и да ги надминете останатите, ќе се борите и ќе станете покреативни, поактивни, поефикасни и ефективни.

5. Ќе ви овозможи да ги посетите земјите кои секогаш сте сакале да ги видите

Многу се ретки оние кои ќе кажат дека не сакаат да патуваат. Повеќето мечтаат за егзотични земји со различни култури и обичаи. Не мора и да се толку далечни или различни, но сепак, секоја земја има своја уникатност, која за нас би била промена.

Работата во странство можеби е токму таа авантура која никогаш не сте ја доживеале, а од секогаш сте ја посакувале.

Понекогаш треба многу храброст за да се впуштите во нешто непознато и да ја зграбите шансата. Без разлика какво искуство ќе доживеете, лекцијата која ќе ја научите ќе ве направи попаметни, похрабри и поспособни.