Назад

Вработени сте, но барате нова работа: 5 совети како правилно да го правите тоа

Луѓето бараат нова работа од многу различни причини, па дури и кога веќе имаат постојана работа.

Помислата за потрага по нова работа, може да биде возбудлива и да избрзате со постапките, но треба паметно да пристапувате кон тоа, бидејќи сѐ уште имате одговорност кон сегашниот работодавач.

Па, доколку се обидувате да најдете нова работа, додека сѐ уште работите на друго место, погледнете ги овие совети кои ќе ви помогнат да направите баланс помеѓу вложувањето напор во пребарувањата и избегнување на проблеми со шефот.

1. Не пребарувајте во текот на работното време

На прво место се обврските кои ги имате на вашето моментално работно место, па затоа е важно времето посветено на пребарување нови работни места, да биде надвор од работните часови.

Најдобро е да посветите време кое ќе биде посебно наменето за пребарување отворени работни позиции, со цел да биде тоа поефективно и да бидете пофокусирани на тоа.

2. Задржете го тоа за себе

Вашето пребарување е ваша лична одлука и дури и ако им верувате на колегите, сепак не можете да контролирате што тие споделуваат со останатите.

Најдобро е да не ги кажувате вашите планови, барем додека не се осигурате дека ќе бидете поддржани во тоа, бидејќи не знаете дали тие ќе стигнат до погрешни луѓе предвреме.

3. Бидете внимателни додека сте онлајн

Внимавајте како се однесувате, какви трагови оставате и дали некој ве гледа кога посетувате сајтови за огласи или кога ги користите социјалните медиуми за проширено пребарување и секако немојте да го објавувате јавно вашето CV онлајн.

Дури и најмалата ситница може да ве издаде и вашиот работодавач да забележи што се случува зад неговиот грб.

4. Закажувајте состаноци паметно

Повеќето работодавачи кои вработуваат, имаат разбирање кога кандидатите имаат потреба да се состануваат за интервју надвор од работните часови.

Затоа, нека не ви биде непријатно да ги закажувате интервјуата пред или после работа, а ако времето ви дозволува, може и за време на пауза.

Ако на потенцијалниот работодавач му кажете дека преферирате интервјуто да го закажете во некои од горенаведените периоди, бидејќи сте зафатени на работа или сте му потребни на вашиот тим, индиректно изјавувате дека имате интегритет и му давате до знаење дека сте кандидат кој навистина вреди и ја цени работата.

5. Продолжете да работите напорно

Додека да најдете нова работа, важно е на сегашното работно место да продолжите да го давате најдоброто од себе и да одржите силни врски со вашите сегашни колеги и со работодавачот, пред сѐ за да им покажете дека ги цените и почитувате.

Со тоа загарантирано ќе имате добра препорака доколку ви е потребна за понатаму.

Најважно од сѐ е да запамтите дека не правите ништо лошо со тоа што барате нова работа, бидејќи колку и да сте лојални, доколку не ви одговара повеќе таа работа, ваше право е да најдете подобри можности за вас.