Назад

Ако бирате помеѓу повеќе понуди за работа: 3 совети како полесно да се одлучите

Без разлика дали барате работа првпат, или сте вработени, но барате нова работа - да се одбере најдобрата понуда, може да биде вистински предизвик.

Тешко е да се одлучи која компанија е најдобриот избор, посебно со сите различни фактори и карактеристики кои ги има во секоја понуда.

Од плата и бенефиции, до култура на компанијата и можности за кариерен развој – има многу за размислување.

Доколку се двоумите помеѓу две или повеќе понуди, еве неколку совети кои ќе ви помогнат полесно да направите избор и да се одлучите:

1. Одредете ги вашите приоритети

Што ви е најважно? Локацијата? Работните обврски? Животниот стил? Важно е да размислите кои се вашите приоритети и како сите од понудените работни места ќе се поклопат со нив?

Ценете ги вашите приоритети и според нив оценувајте ги понудите за работа.

Најдобро е да започнете со листа на која ќе имате запишано сѐ што сакате од вашата нова работа, па кога ќе ги добиете понудите, веднаш ќе можете да ги споредите со вашите листи и да видите која највеќе одговара на вашите критеруми.

Кога ќе добиете понуда, треба да одлучите дали е само за парите или е повеќе од тоа. Не треба да ја судите работата само според платата, а ова е најчестата грешка која ја прават барачите на работа.

2. Земете ја во предвид потенцијалната работна околина

Културата на компанијата и типот на луѓето со кои ќе работите, ќе ви влијае на вашето секојдневно и долгорочно задоволство од работата. А, тоа колку ќе бидете среќни е исто така важен фактор за кој треба да се размисли.

Земете ја предвид околината и културата на организацијата, дали е тоа место каде можете да напредувате и дали мислите дека можете да се вклопите добро?

Доколку не сте среќни во самата околина и организација, тогаш платата нема да биде толку важна, бидејќи нема да бидете доволно мотивирани за да дадете сѐ од себе и да бидете најдобри во работата.

И најважно од сѐ – дали имате иднина во оваа компанија? Фокусирајте се на иднината и посветете се на овие неколку работи:

  • Каков кариерен пат можете да очекувате со прифаќање на работата овде?
  • Дали на компанијата и е приоритет кариерниот развој на вработените?
  • Дали ќе имате можности да ги надоградите вашите вештини?

Можете да дознаете многу за тоа како компанијата работи и ги третирата своите вработени, само од интервјуто.

Искористете ја вашата интуиција и немојте да избрзувате со одлуката. Доколку има нешто што не ви е јасно и за што не сте сигурни, слободно поставете прашања и видете како ќе ви одговорат.

3. Ставете се на прво место

Ако компанијата ви прави притисок да ја прифатите понудата, објаснете им дека ви треба уште малку време и кажете им ја причината.

Доколку тие навистина ги ценат кандидатите кои се добри за таа позиција, наместо да сакаат да го пополнат местото со било кој што ќе го најдат, тогаш ќе ви дадат време да донесете правилна одлука.

Но, ако ако не го направат тоа, тогаш имате одговор на прашањето како тие ги третираат кандидатите и колку го ценат вистинскиот квалитет.