Назад

Дали вашиот карактер е идеален за работа од дома?

За многу луѓе, работењето од дома, звучи како работа од соништата.

Кога работите од дома, не мора да бидете официјални, можете да носите што сакате и да си ја дизајнирате сами вашата канцеларија или работно катче.

Но, сепак, оваа работна околина не е идеална за секого.

Проверете дали ги поседувате карактеристиките потребни за работа од дома и дали сте способни за таков тип на работа.


Мотивираност

Кога работите од дома, ќе мора да се потпрете само на себеси и самите да се мотивирате. Навистина може да биде тешко да се држите до задачите, без некој постојано да ве проверува или без да имате колеги со кои можеби се натпреварувате или ве мотивираат за побрза работа.

Но, доколку по природа сте личност која сама се мотивира и има претприемнички дух, најверојатно нема да имате проблем со работата од дома. Доколку мотивацијата не ви доаѓа природно сама од себе, научете како да бидете попродуктивни дома.


Независност

Има луѓе кои преферираат да работат без постојано надгледување или интеракции со колегите. Но, тоа не значи и дека се подобри кога се оставени сами на себе.

Ако забележите дека често се случува нешто во канцеларијата да ви го одвлекува вниманието и ве прави помалку продуктивни, тогаш работењето од дома ќе создаде идеална независна работна околина за вас.

Доколку пак, соработката и фидбекот ви носат поголем успех, тогаш ќе мора да закажувате видео повици или повремени состаноци во живо, за да ја добивате потребната интеракција и да споделувате идеи.


Комуникација

Само поради тоа што работите од дома, не мора да значи дека не треба да комуницирате со други луѓе.

Ќе мора да најдете алтернативни начини за успешно комуницирање со колеги, клиенти или менаџери.


Решавање на проблеми

Кога работите со други, решавањето на тешки проблеми може да биде лесно, бидејќи сите заедно работите на истото. Од дома, вие ќе бидете одговорни за решавање на мали и големи проблеми.

Ако сте по природа снаодливи и досетливи, сигурно ќе знаете да пребарувате и да размислувате на начин на кој ќе доаѓате до разумни решенија.


Донесување одлуки

Кога работите независно, најголем дел од донесувањето одлуки е на ваш грб и ќе мора да си верувате сами на себе.

Ако сте добри во пресудување, тогаш донесувањето одлуки ќе биде лесно за вас, но претходно осигурајте се дека заклучокот кој сте го донеле е најефективен.

Без разлика дали веќе сте одлучиле да работите од дома или сте во дилема дали да преминете кон тоа, треба да ги разберете предизвиците со кои ќе се соочите во новата работна околина – дома.

Откако ќе дознаете дали вашиот карактер и вашите лични особини одговараат за работа од дома, може да ги направите сите потребни промени и приспособувања.