Назад

Како да ја преживеете првата недела на пракса?

Вашиот став, трудот и ефикасноста во првите неколку дена од праксата се од клучно значење за тоа како другите ќе ве гледаат и какво мислење ќе создадат за вас.

Иако никој не очекува дека ќе направите некои големи промени за компанијата, сепак сите ќе ве набљудуваат и ќе ве оценуваат.

Тоа не е ништо страшно и не треба да ве фаќа паника поради тоа, а еве и неколку начини како да се справите со сето тоа, но и да оставите добар прв впечаток и да бидете запамтени по добро.

Не очекувајте премногу

Нормално е да бидете возбудени за почетокот на нова пракса, но иако тоа е од голема важност за вас, обидете се да немате толку големи очекувања, посебно не на првиот ден.

Првиот ден, може дури и името да не ви го запамтат, но освен тоа, не треба и да ве чуди тоа што можеби нема да имате ваше биро или компјутер, за почеток.

Бидете добри во првата задача

Кога ќе ви ја дадат првата задача, слушајте внимателно и обидете се да ја завршите како што треба.

Најверојатно тоа што ќе ви го дадат за почеток не е нешто итно и важно, па затоа немојте да го избрзувате. Земете си време колку што ви е потребно и проверете дали сте го завршиле како што е правилно.

Ако се покажете не толку добро и направите големи грешки уште при првата задача, најверојатно во следниот период нема да добивате добри и важни задачи.

Покажете иницијатива

Зависно од работодавачот и природата на работата, можеби ќе има моменти кога нема да има што да правите.

Но, немојте да бидете пасивни и само да чекате да ви дадат задача. Гледајте што се случува и работи наоколу, па прашајте дали може да помогнете за нешто.

Вработените не секогаш ќе имаат време да гледаат дали имате работа за да ви даваат инструкции кога ќе завршите, затоа самите барајте си можности и работа, покажувајќи иницијатива.

Поставувајте прашања, но не претерувајте

Кога ќе почнете како практикант, нормално е да поставувате многу прашања, а тоа е добро затоа што така учите колку што е можно повеќе.

Но, после неколку дена, внимавајте да не продолжите со поставување на премногу едноставни прашања, кои претходно ви биле одговорени и веќе треба да ги знаете.

„Шармирајте“ ги сите

Кога ќе се приклучите на нова работна околина, треба да бидете отворени кон сите, да ги слушате добро сите што ќе ги запознаете, да дознаете за нивните интереси и секако за нивната работа.

Дружете се со колегите и покажувајте интерес за нив како личности, но и на професионален план.

Но, не претерувајте. Бидете позитивни и на културен начин освојте ги сите – така полесно ќе оставите добар впечаток.

Учете колку што е можно повеќе

Гледајте како работат останатите околу вас, какви обврски имаат сите, бидејќи понатаму можеби и вие ќе ги имате истите, па добро би било да бидете подготвени.

Интересирајте се за што е можно повеќе работи, но во умерени граници.

На пример, доколку има некој голем состанок со повеќето вработени за нешто што сметате дека не е „тајно“, а е добро да го слушнете, културно прашајте дали можете да присуствувате.

Доколку прифатат, внимателно слушајте како се одвива состанокот и не зборувајте, освен доколку не ве прашаат нешто.

Изгледајте зафатено – но не панично

Растурено биро изгледа како да сте претрупани со работа, но и малку невкусно – во секој случај не е добро. Исто така, никогаш не брзајте низ канцеларија, дури и ако ви кажале да направите нешто брзо. Изгледа како да сте во паника.

И секако, кога ќе дојде крајот на работно време, не мора во истата минута да истрчате и да си одите. Така привлекувате внимание и изгледате како да сте броеле минути до крајот на работата, а не дека сте работеле.

Не одбивајте тим-билдинг

Можеби нема да ви се допаѓаат сите колеги со кои ќе работите, но сепак бидете социјални и учествувајте во after work активностите, бидејќи на тој начин ќе ги зацврстите односите со тимот и понатаму ќе ви биде полесна работата кога ќе работите со некој кој подобро го знаете.

Но, избегнувајте политички разговори, трачарење и други непријатни теми.