Назад

Како да се справите со непријатните ситуации и да не дозволите целото интервју да ви се уништи?

Интервјуата може да отидат во погрешна насока од многу различни причини. Може да се блокирате и да не знаете што да кажете, да дадете слаб и засрамувачки одговор, или пак да направите некоја „белја“, како на пример да се истурите со вода себеси или интервјуирачот, што навистина е непријатно.

Но, немојте поради една грешка да дозволите целиот состанок да се уништи и справете се со ситуацијата како што треба, покажувајки способност да останете смирени.

1. Признајте си ја грешката

Кога се работи за вакви типови на грешки за време на интервју, најдобро е да си ја признаете грешката.

Немојте да го игнорирате тоа што се случило, надевајќи се дека интервјуирачот не забележал, бидејќи тоа не е вистина.

Ако се заплеткате во сопствените зборови или кажете нешто погрешно, многу е подобро отворено да покажете дека сте згрешиле.

На пример, може да кажете: „Ова не испадна како што го замислив, ќе се обидам повторно...“, па потрудете се и поправете го тоа што сте го кажале.

Ако го игнорирате тоа, може да покажете дека не сте самосвесни или дека правите такви грешки цело време.

2. Ви се блокираат мислите

Ако сте ги анализирале однапред најчесто поставуваните прашања и сте ги испланирале вашите одговори, помалку е веројатно дека ќе се блокирате за време на интервјуто, бидејќи ќе бидете подготвени.

Но, доколку ве фати нервоза и трема, постојат начини за ситуацијата да се поправи.

Напијте се вода, за да си „купите“ малку време додека си ги соберете мислите пред да одговорите. Доколку и тоа не помогне, најдобро е да си го преформулирате прашањето и да го одберете делот на кој можете да одговорите.

Можеби подоцна ќе се сетите за подобар одговор и ќе се надополните – но, одберете добар момент за тоа. Откако интервјуирачот ќе заврши со неговите прашања, надоврзете се на претходната тема.

Обидете се да се снајдете во моментот, а доколку не успеете, за на крај оставете ја опцијата да замолите да ви го повторат прашањето.

3. Не можете да се сетите на пример

Сценарио прашањата, кои почнуваат со: „Кажете ми како сте се справиле со...“, треба да се лесни за одговарање ако сте добро подготвени. Но, ако ве прашаат нешто неочекувано, најдобро е да играте на карта – дополнително време со прашање.

Можете да кажете: „Сакам да го поврзам моето искуство колку што е можно поблиску до работата, па ќе може ли да ми дадете повеќе детали за тоа што бара оваа работна позиција?“.

Ако не можете да се сетите на пример кој ви бил поврзан со работата, смислете нешто од вашиот живот надвор од работата, но сепак да има смисла.

Ако сѐ уште не можете да се сетите на нешто што ќе има смисла, најдобро е да го кажете тоа отворено, наместо да импровизирате со лоши приказни... 

И повторно, можеби понатаму во разговорот ќе се сетите на нешто добро и ќе може да се надоврзете.

4. Давате слаб одговор

Соговорникот ги крева веѓите и вие пропаѓате во земја, кога ќе сфатите дека сте дале слаб и засрамувачки одговор. Ако можете да ја поправите ситуацијата веднаш, тогаш не чекајте.

Ако не можете да се сетите на добар одговор со кој ќе се извлечете од непријатната ситуација, тогаш само заборавете и продолжете понатаму.

Но, немојте да се навраќате на тоа. Ако продолжите да мислите на тоа, ќе бидете дефокусирани и вниманието ќе ви биде одвлечено, а тоа резултира со пропаст на целото интервју, бидејќи нема да бидете способни да ја исправите грешката и да се покажете во подобро светло.

Затоа, само фокусирајте се на прашањата кои ги одговарате во моментот.

5. Кажувате нешто негативно за вас

Ако кажете нешто што ве прикажува во лошо светло, застанете и пренасочете го фокусот.

Не можете да го вратите назад тоа што сте го кажале, а доколку продолжите со темата, само ќе копате подлабока дупка и нема ништо да постигнете.

Затоа останете позитивни во текот на разговорот и повторувајте си ги во себе тешките прашања и одговорите, за да не дојдете повторно во ситуација да критикувате претходни шефови, организатори или пак самите себе и вашиот перформанс.

А, доколку „се фатите себеси“ како зборувате за мината грешка, тогаш и не е толку страшно. Можете да го пренасочите тоа и да кажете што сте научиле од тоа искуство и како би ги направиле работите поинаку во иднина.

6. „Ве фатиле“ дека имате лажни информации во CV-то

Добар работодавач, ќе го анализира вашето CV уште пред да започне интервјуто и потоа ќе ви поставува прашања за разјаснување на нејасните и неконзистентни информации.

Ако стане јасно за време на интервјуто дека интервјуирачот сфатил дека имате лажни информации или дека сте се прецениле во некои тврдења во CV-то, тогаш немојте да ја правите ситуацијата уште полоша со прикривање на трагите...

Ако имате среќа, можеби ќе се извадите доколку се работи за ситни грешки како погрешен датум, временски период или титула и ќе ви бидат простени. А, доколку продолжите со лажење и поцрвените во лицето, можете веднаш да бидете сигурни дека ќе ве одбијат...

7. Научете си ја лекцијата

За крај, научете си ја лекцијата и обидете се да гледате на позитивната страна.

Во некои ситуации, најдобро е да се покажете смирени кога работите ќе тргнат наопаку. Ако се испаничите, тоа нема да биде добро за вас. Но, ако успеете смирено да се справите, ќе се прикажете во одлично светло и тоа некој може и да го импресионира.

Сите прават грешки. Ако можете да научите нешто од тоа, во ред, ако не – продолжете понатаму. Ќе има и други можности.