Назад

5-минутна проверка за доставување на совршена апликација за работа

На многумина им се има случено кога аплицираат за работа набрзина да средат едно прилагодено CV и мотивационо писмо и да стиснат „испрати“, за подоцна да забележат дека погрешно си го напишале името или направиле некоја друга грешка.

Некогаш се дава големо значење на целината и на големите работи, а лесно се забораваат основните работи.

Потоа следи нов е-маил со извинување и повторно испраќање на апликација со точни податоци, но тоа не го менува фактот дека вие сте засрамени и изгледате несериозно.

За да не ви се случува тоа, користете чек листа со 5 клучни точки – ќе ви одземе само 5 минути, но вреди да си ги проверите податоците и да бидете сигурни во себе, наместо да изгледате пред работодавачот како да не знаете да си го спелувате името.

Спелување

Правилното спелување е првото нешто што треба да го направите и потврдите во проверката. Проверете си го вашето име, името на компанијата, името на образовните установи итн.

Граматика

Во мотивационото писмо, добро е набрзина да ги прочитате речениците и да видите дали има некои граматички грешки или дополнителни празни места.

Доколку аплицирате за автор/писател или уредник, ова е дефинитивно нешто на што треба да обрнете повеќе внимание.

Но, дури и да не аплицирате за таква улога, документите и материјалите кои не содржат грешки укажуваат на темелни и посветени личности, па добро би било работодавачите да знаат дека добро си ја вршите работата.

Факти

Сигурно веќе знаете дека CV-то и мотивационото писмо треба да ви бидат прилагодени посебно за секоја компанија во која аплицирате.  Но, да бидеме реални – сигурно не го пишувате од почеток, туку на претходно напишана верзија правите промени за да го приспособите.

Тоа секако е полесен начин, но исто така и ризичен, бидејќи постои можност да заборавите да смените име на компанија или да оставите некоја друга информација која не е воопшто поврзана со новата апликација.

Или, доколку го праќате истото CV, а во меѓувреме сте промениле место на живеење или телефонски број, тогаш вашите основни податоци ќе бидат целосно погрешни.

Проверете ги овие основни работи уште еднаш набрзина, но темелно. Ќе ви одземе само минутка, а ќе ве спаси од многу срамење.

Инструкции

Би било одлично доколку постоеја стандардизирани инструкции за испраќање апликации, кои ќе бидат исти за сите компании. Но, сите работодавачи се различни.

Некои прифаќаат исклучиво PDF документи, други прифаќаат и во Word. Некои сакаат да пополните онлајн апликација, додека останатите ви бараат да испратите меил со прикачени документи.

Затоа, во огласот добро прочитајте што бараат и едноставно следете ги инструкциите.

Прилог/Прикачени документи

„Во прилог ви го испраќам моето CV/мотивационо писмо“.

Нема ништо лошо во оваа реченица – сѐ додека вашето CV/мотивационо писмо навистина е прикачено.

Поштедете се од испраќање втор е-маил со извинување и испраќање на сите потребни документи, бидејќи во првиот сте заборавиле да ги прикачите.