Назад

Семејството и пријателите не се најдобар извор за совети поврзани со вашата кариера

Доколку ви треба совет поврзан со кариерата, според најнови истражувања, не треба да го барате кај членови на семејството или блиски пријатели.

Како пример за лоши совети се оние на некои од родителите кои велат да не се зближувате многу со колегите од работа, или пак од некои пријатели, кои советуваат дека мотивационото писмо треба да биде многу долго и детално (затоа што така слушнале некаде).

Во истражувањата, голем дел од вработените признаваат дека кога се работи за кариерата, многупати се случило пријателите да ги упатат во погрешна насока...

Помал број кажуваат дека родителите и други членови на семејството некогаш им понудиле лош совет поврзан со кариерата, но сепак не е реткост.

Без разлика дали првпат барате работа, или сте искусен професионалец кој сака да се искачи на патот кон успехот, или пак само сакате да ја промените кариерата и областа во која работите – не е реткост, ниту пак чудно да посакате да се обратите кај човек од доверба за совет.

Иако блиските пријатели и семејството имаат само најдобри намери за вас и вашата кариера, сепак многупати може да ве одведат во погрешна насока, бидејќи не сите се професионалци, а многумина од нив го немаат ниту потребното искуство за да може целосно да ве насочат.

Во истражувањата се докажува дека колегите и претпоставените многу поретко се случува да дадат лош совет, кога се работи за кариерата. Затоа, кога ви треба помош и насоки, најдобро е да се обратите кај некој што има искуство и ќе биде подготвен да ви даде совети кои ќе ви бидат од корист.

Тоа може да бидат претпоставени и колеги од работа (доколку ја имате), поискусни колеги од факултет, професори, бизнис луѓе кои ќе ги запознаете на конференции, семинари и обуки, или други ваши познаници кои се успешни во кариерата и имаат зад себе големо искуство.

Во секој случај, немојте да се потпирате само на еден човек. Побарајте повеќе мислења, поставувајте конкретни прашања, а на крај разгледувајте ги сите предности и недостатоци на советите кои сте ги добиле.

Сепак, одлуката за тоа што е најдобро за вашата кариера, на крај секогаш е ваша.


Еве неколку кратки безвременски совети за сите кои бараат работа:

1. Бидете подготвени

Кога аплицирате за работа, приспособете го вашето резиме за позицијата и компанијата, вежбајте одговарање на тешки прашања кои ги поставуваат менаџерите и никако немојте да доцните.

2. Искреноста е најдобрата политика

Никогаш не преувеличувајте, ниту пак лажете во вашето CV и биографија. Без разлика колку мала мислите дека е лагата, може да предизвика долготрајна штета на вашата кариера и репутација.

3. Не се плашете од промени

Иако барањето нова работа можеби изгледа тешко и страшно, сепак работењето во околината која не ве прави среќни предизвикува полоши чувства.

Доколку дојде време кога повеќе нема да се чувствувате исполнето со вашата работа на позицијата, тогаш е време да побарате нешто подобро.

4. Прифаќајте предизвици

Без разлика на кое ниво во кариерата се наоѓате, секогаш треба да се предизвикувате да добиете нешто подобро.

Редовно поставувајте си цели во кариерата и немојте да се плашите да преземате задачи и одговорности кои се надвор од вашата комфор зона, со цел да ги проширите вашите вештини и искуства.