Назад

Нудите летна пракса? 5 начини да го искористите максимумот од практикантите

Летото се наближува и наместо да се упатат кон плажите, многу од студентите се упатуваат кон вашите канцеларии – како ваши практиканти.

Тие се млади, свежи, енергични и желни за работа – токму тоа што ви е потребно. Но, за многу од нив, ова ќе биде прво искуство во корпоративна работна околина и очекуваат од вас да ги водите и обучите во работата и индустријата.

Можеби е малку тешко сето тоа да се постигне во период од 1-3 месеци, но важно е да размислите како ќе го направите ова искуство позитивно за двете страни.

Ова се неколку тајни и совети за тоа како да имате успешно лето:

1. Одберете ги правилно практикантите

Практикантите можеби се само привремени, но сепак и тие влијаат на вашиот тим. Практикант кој е немотивиран, непродуктивен и не е од никаква корист, може да ја намали ефикасноста на целиот ваш тим.

Спротивно на ова, доколку одберете одличен кандидат со фантастични нови перспективи, тој ќе придонесе многу за вашата работа, а на крајот од летото може и да стане ваш вработен.

Затоа, кога ги интервјуирате кандидатите, важно е да внимавате на тоа каков кандидат барате и во кој од нив ги пронаоѓате критериумите кои претходно ќе си ги поставите.

Секогаш барајте практиканти кои покажуваат ентузијазам и интерес за вашата работа и индустријата во која работите, бидејќи тие ќе сакаат и понатаму во таа област да ја градат својата кариера, па ќе дадат сѐ од себе за да ги задржите подолг период.

2. Правете планови за нив

Нема ништо полошо од тоа практикантите да немаат доволно работа – не само што ќе се досадуваат, туку и вие ќе мора постојано да мислите што да им дадете следно, наместо да се посветите на вашите дневни обврски. Никој нема да биде продуктивен.

Затоа, важно е однапред да ги испланирате работните задачи за нив, за кога ќе завршат со една, веднаш да може да продолжат со друга, без да мора да ве прашуваат што да прават.

Уште пред да ги примите практикантите, можете да размислите за кои задачи ќе бидат одговорни тие и кои вештини треба да ги научат, за подоцна да не губите време и откако ќе го најдете идеалниот кандидат, веднаш да започнете со работа.

3. Посакајте им добредојде

Секој сака да се чувствува добредојдено на ново работно место – особено практикантите за кои тоа искуство е ново.

Одличен начин за добар почеток е да им испратите е-маил со кој ќе им посакате добредојде во тимот и во кој ќе закажете краток состанок, за да го запознаете со тимот и работата.

Доколку планирате да примите повеќе практиканти, организирајте го тоа малку подобро, со цел студентите да се запознаат добро меѓусебно, како и со останатите вработени.

4. Поставете очекувања

На првиот состанок, треба прецизно да нагласите и да објасните за што ќе бидат практикантите одговорни и да објасните детално како тимот работи, со цел сите да си ја знаат својата работа и да нема губење време.

Исто така, прашајте ги практикантите дали им е сѐ јасно и што очекуваат тие да научат од праксата. По состанокот, запишете ги сите очекувања. Тоа е најдобар начин за мерење на перформансите и успехот подоцна.

5. Не го заборавајте менаџментот на перформанси

Праксата е всушност стекнување искуство. Па според тоа, од клучно значење е тие во текот на летото, да научат повеќе за себе како професионалци, да дознаат кои се нивните силни страни, што прават добро, а во што треба да се подобрат.

За таа цел, договарајте почесто редовни состаноци, на кои ќе дискутирате за сите овие работи, бидејќи тоа многу ќе им помогне на нив, како и на вас.


Иако има многу работа и планирање,  тоа што ќе примите практикант, треба да биде едно позитивно и интересно искуство. Сетете се како ви било на вас кога сте биле практикант или студент и запрашајте се што вас ви беше најважно за време на летната пракса, а потоа искористете го тоа како инспирација.