Назад

Како да спроведете ефективно интервју за работа?

Интервјуто за работа не е тешко и стресно само за кандидатите, туку и оние кои го водат, имаат тешка задача и улога.

Тие треба да поставуваат прашања со кои ќе го извлечат вистинскиот одговор од кандидатите, со цел да одлучат кој е вистински избор за позицијата во компанијата.

Успехот на интервјуто, освен што зависи од тоа како кандидатите ќе се покажат, зависи и од оние кои го спроведуваат истото, па затоа тие треба да бидат добро подготвени и самоуверени пред да започнат да оценуваат некого.

Следните совети ќе им помогнат на оние кои не се толку искусни, или пак, за првпат се соочуваат со водење на интервју за вработување. Секако, може и оние кои веќе долго време го прават тоа, да проверат дали се на правилен пат.


Истражете го кандидатот

Одговорниот за спроведување на интервјуа, треба добро да го разгледа CV-то на кандидатите и оттаму да подготви прашања кои ќе бидат релевантни за позицијата за која аплицираат.

Секогаш треба да имате замислено идеален кандидат, за полесно да може да споредите кој од оние кои аплицирале ги исполнува вашите очекувања. Исто така, може да направите брзо онлајн пребарување за нив на Google или на социјалните мрежи.

Тоа можеби ќе ви помогне делумно да видите дали личноста одговара на позицијата и културата на компанијата. Но, тоа во никој случај не е пресудно, туку само може да ви даде насока да дознаете за каква личност се работи.


Подгответе го кандидатот

Неподготвен кандидат е вистинско разочарување. Но, некои професионалци, пред интервјуто испраќаат е-маил со вклучени сугестии, како на пример: совети за интервју, прашања за кои треба да се подготват и останати детали, со цел тие да знаат што ги очекува.

Доколку и после тоа, кандидатот дојде неподготвен, тогаш треба да продолжите понатаму, бидејќи ќе знаете дека тој не е сериозен и не вложил никаков напор за да ја добие шансата која вашата компанија ја нуди.


Треба да знаете како да го смирите кандидатот

Доколку се соочите со кандидат кој има трема и е нервозен, доволно е само да се насмевнете и да поставите неколку прашања кои не се поврзани со работата, за да го смирите.

Друга добра тактика е пред да започнете со самото интервју, да ја објасните структурата на истото, па така тој ќе биде посмирен, бидејќи нема да биде во неизвесност и страв за тоа што следи.

Обидете се да забележите дали понатаму во интервјуто, кандидатот ќе остане нервозен, или пак ќе се опушти, бидејќи тоа е одличен показател за неговата приспособливост.


Ограничете го бројот на прашања кои ќе ги поставите

Бидејќи е важно кандидатите да можат да одговорат на сите прашања кои ќе ги поставите, без да бидат избрзани, најдобро е да го ограничите бројот на прашања.

Според непишано правило, во 30-минутно интервју најдобро е да поставите 4-6 прашања.


Не го монополизирајте разговорот

Многу често се случува, работодавачите да зборуваат премногу, а да слушаат многу малку. Но, тоа не треба да биде така. Дозволете му на кандидатот да зборува.

Најдобро е да поставувате прашања кои отвараат дискусија, наместо да поставувате прашања на кои одговорот е едноставен, па тоа да изгледа како испрашување.