Назад

3 лаги во кои верувате кога ќе ве одбијат и нема да ја добиете работата

Сите оние кои активно бараат работа, праќаат апликации и одат на интервјуа, се во исчекување на одговор од потенцијалните работодавачи со надеж дека тој ќе биде конечно позитивен.

Но, кога ќе се случи спротивното и ќе бидете одбиени, нормално е да се чувствувате разочарано. Многу луѓе по одбивањето, се затвораат во себе и ја губат самодовербата, бидејќи мислат дека не се доволно добри.

Сепак, наместо да паѓате во депресии и да си ја полните главата со секакви мисли, запаметете дека овие 3 работи не се точни и се лажете кога ги помислувате:

Лага бр. 1: Не сте доволно добри за слична работна позиција, дури и во друга компанија

Дури и најкултурно и љубезно напишаните е-маилови за одбивање, значат сепак одбивање.

Без разлика до каде сте стигнале во процесот на интервјуирање, овие пораки потврдуваат само една работа: Компанијата нашла некој друг, кој им одговара повеќе и е подобар од вас. А, поради овој факт, лесно заклучувате дека така ќе биде во секоја компанија.

Но всушност, во повеќето случаи, работодавачите ја имаат таа тешка задача да одберат еден кандидат помеѓу повеќе одлично квалификувани.

Често се случува кандидатите кои се одбиени да се неверојатно талентирани и паметни, но компанијата нема простор за повеќе и мора да одбие некои од нив, знаејќи дека ќе успеат да најдат одлична работа на друго место.

Само сетете се дека е одлично што сте стигнале дотаму и продолжете понатаму со крената глава.

Лага бр. 2: Ја изгубивте шансата за единствената најдобра работа за вас

Ако сте биле навистина „загреани“ за одредено работно место и долго време го посакувате и се трудите да го добиете, тогаш кога ќе стигнат лошите вести се чувствувате како да сте изгубиле одлична можност за вас, а уште полошо помислувате дека веќе никогаш нема да најдете подобра од оваа.

Но, тоа не треба да биде така, бидејќи не е вистина. Дишете длабоко, оставете да поминат неколку дена за да го прифатите фактот и потоа впуштете се во повторно пребарување на огласи за работа.

Можеби нема да ја најдете веднаш вистинската работа, но сетете се дека не сте одбиени за единственото отворено место на светот. Има толку многу понуди за работа, па сигурно ќе најдете нешто што исто така ќе ви се допадне и едвај ќе чекате да испратите апликација.

Лага бр. 3: Не може да направите ништо за да се подобрите

Вие сте паметни, талентирани и стигнавте скоро до самиот крај во процесот на вработување на компанијата.

Но, соочете се со фактите: Стигнавте далеку во процесот, но не ја добивте работата. Тоа значи дека има уште простор за подобрувања.

Откако ќе се помирите со фактот дека не сте ја добиле долгоочекуваната или посакуваната работа, започнете да размислувате за тоа како се одвивало сѐ. Како помина интервјуто? Дали имавте потешкотии да одговорите на одредени прашања? Дали имаше чудни моменти на тишина кога немавте што да кажете? Дали кажавте нешто погрешно?

Размислете убаво за тоа дали имало нешто што значително придонело за тоа да бидете одбиени. Колку и да сте добри, сигурно има нешто што може да го поправите и да бидете подобри за следното интервју. Среќно!