Назад

Како да знаете за која работа не сте доволно квалификувани, а за која воопшто?

Сигурно ви се случило да не аплицирате за некое работно место, само поради тоа што мислите дека не одговарате на сите барања на компанијата.

Постои мала разлика помеѓу тоа да не ги поседувате сите барани квалификации и да не сте воопшто квалификувани.

Треба да знаете кога може да аплицирате иако не сте најдобар избор и кога треба да кажете „Ова е одлична можност, но веројатно за некој друг“, бидејќи вие не ги исполнувате барањата.

Неколку знаци кои ќе ви помогнат кога нема да бидете сигурни дали треба да аплицирате:

Не сте воопшто квалификувани ако поседувате само една барана квалификација

Без оглед на тоа што работодавачите разбираат дека кандидатите не може да знаат сѐ, сепак се очекува дека ќе го знаат поголемиот дел од работите кои треба да се извршуваат. Доколку немате искуство во повеќето потточки од описот и барањата, засукајте ги ракавите и стекнете го потребното искуство за позицијата. Или, доколку не сте доволно заинтересирани, продолжете со потрагата по друго работно место.

Не сте доволно квалификувани ако не поседувате само една или две од потребните квалификации

Слободно може да се каже дека речиси и не постојат работодавачи кои ги повикуваат на интервју само оние кандидати кои ги исполнуваат буквално сите потточки од листата на потребни вештини.

Доколку ја најдете совршената работа за вас и забележите дека не поседувате некоја вештина, но сметате дека може да ја научите, тогаш нема зошто да не аплицирате. Работодавачите дури може и да бидат среќни кога ќе видат кандидати кои не поседуваат само една до две барања, па затоа слободно пробајте си ја среќата.

Не сте воопшто квалификувани доколку компанијата бара некој на кој ќе може веднаш целосно да му ја препушти работата

Понекогаш компаниите бараат некој кој е одлично квалификуван и има доволно искуство за да може веднаш да се фати за работа како што треба. Кога компанијата има потреба од таков вработен, разбирливо е да немаат желба, можности или време да ангажираат некој кој ќе треба прво да го обучуваат. 

Доколку налетате на оглас каде ова е јасно нагласено, немојте да трошите време доколку вие не сте вистинскиот избор за тоа и продолжете понатаму.

Не сте воопшто квалификувани ако компанијата бара Senior во различна област од вашата

Нема ништо лошо во тоа да сакате да ја промените кариерата и индустријата во која работите. На пример, ако сакате од финансии да преминете во маркетинг, а притоа сте истражувале и разбирате што тоа значи, тогаш зошто да не?

Но, треба да одите чекор по чекор. Доколку вашата моментална позиција е на менаџерско ниво во финансии и барате работа како менаџер во маркетинг, треба веднаш да знаете дека, да се биде Senior во една област, не ве прави квалификувани за истото ниво во друга област.

Не сте доволно квалификувани ако единствената работа што ве спречува, сте самите вие

Во секој момент од вашата кариера ќе постојат работни позиции за кои не сте доволно квалификувани сѐ уште. Но во многу случаи, обесхрабрувањето доаѓа од ништо друго, туку од самите вас – најчесто, бидејќи едноставно сте убедени дека вие не сте квалификувани за било која работа.

Колку и неверојатно да ви звучи, секој е добар во нешто, а доколку не сте доволно квалификувани за тоа што вие го сакате, направете сѐ што е во ваша моќ за да го промените тоа. Бидете храбри и немојте да се плашите од одбивање!