Блог

Како да се регистрирате на oglasizarabota.mk и објавите огласи: - За да објавите оглас на oglasizarabota.mk задолжително мора да се регистрирате како работодавач – компанија на полето „РЕГИСТРАЦИЈА“. - Откако ќе се регистрирате и најавите, доколку сакате да објавите еден бесплатен оглас, одберете ја опцијата „ОБЈАВИ ОГЛАС“, пополнете ги полињата, следете ги чекорите и објавете го огласот. - Доколку сакате да објавите спонзориран оглас или пакет огласи, одберете ја опцијата „ПАКЕТИ“, каде што може да го видите ценовникот и карактеристиките на секој пакет. - Одберете го пакетот кој најмногу ви одговара и одберете ја опцијата „ПЛАТИ“. - Пополнете ги полињата со податоци од вашата платежна картичка и кликнете „Потврди“. - Ако плаќањето е успешно, ќе се појави пораката „Успешно извршено плаќање за пакет (името на пакетот кој сте го купиле)“ и потоа може да објавите оглас. - Доколку сакате да купите уште еден пакет, повторно одберете ја опцијата „ПАКЕТИ“ и повторете го процесот. - Откако ќе купите пакет/и, за да објавите оглас, одберете ја опцијата „ОБЈАВИ ОГЛАС“.  - Имате опција да одберете кој пакет сакате да го искористите за да објавите оглас. - Откако ќе одберете пакет, пополнете ги полињата, следете ги чекорите и објавете го огласот. - Во полето „МОЈ ПРОФИЛ“ може да ги видите сите огласи кои сте ги објавиле, дали се активни и до кога. - Покрај огласите, имате евиденција и во купените пакети – можете да видите кога се активирани, до кога се активни и уште колку огласи ви преостануваат од секој пакет.
Летото се наближува и наместо да се упатат кон плажите, многу од студентите се упатуваат кон вашите канцеларии – како ваши практиканти. Тие се млади, свежи, енергични и желни за работа – токму тоа што ви е потребно. Но, за многу од нив, ова ќе биде прво искуство во корпоративна работна околина и очекуваат од вас да ги водите и обучите во работата и индустријата. Можеби е малку тешко сето тоа да се постигне во период од 1-3 месеци, но важно е да размислите како ќе го направите ова искуство позитивно за двете страни. Ова се неколку тајни и совети за тоа како да имате успешно лето: 1. Одберете ги правилно практикантите Практикантите можеби се само привремени, но сепак и тие влијаат на вашиот тим. Практикант кој е немотивиран, непродуктивен и не е од никаква корист, може да ја намали ефикасноста на целиот ваш тим. Спротивно на ова, доколку одберете одличен кандидат со фантастични нови перспективи, тој ќе придонесе многу за вашата работа, а на крајот од летото може и да стане ваш вработен. Затоа, кога ги интервјуирате кандидатите, важно е да внимавате на тоа каков кандидат барате и во кој од нив ги пронаоѓате критериумите кои претходно ќе си ги поставите. Секогаш барајте практиканти кои покажуваат ентузијазам и интерес за вашата работа и индустријата во која работите, бидејќи тие ќе сакаат и понатаму во таа област да ја градат својата кариера, па ќе дадат сѐ од себе за да ги задржите подолг период. 2. Правете планови за нив Нема ништо полошо од тоа практикантите да немаат доволно работа – не само што ќе се досадуваат, туку и вие ќе мора постојано да мислите што да им дадете следно, наместо да се посветите на вашите дневни обврски. Никој нема да биде продуктивен. Затоа, важно е однапред да ги испланирате работните задачи за нив, за кога ќе завршат со една, веднаш да може да продолжат со друга, без да мора да ве прашуваат што да прават. Уште пред да ги примите практикантите, можете да размислите за кои задачи ќе бидат одговорни тие и кои вештини треба да ги научат, за подоцна да не губите време и откако ќе го најдете идеалниот кандидат, веднаш да започнете со работа. 3. Посакајте им добредојде Секој сака да се чувствува добредојдено на ново работно место – особено практикантите за кои тоа искуство е ново. Одличен начин за добар почеток е да им испратите е-маил со кој ќе им посакате добредојде во тимот и во кој ќе закажете краток состанок, за да го запознаете со тимот и работата. Доколку планирате да примите повеќе практиканти, организирајте го тоа малку подобро, со цел студентите да се запознаат добро меѓусебно, како и со останатите вработени. 4. Поставете очекувања На првиот состанок, треба прецизно да нагласите и да објасните за што ќе бидат практикантите одговорни и да објасните детално како тимот работи, со цел сите да си ја знаат својата работа и да нема губење време. Исто така, прашајте ги практикантите дали им е сѐ јасно и што очекуваат тие да научат од праксата. По состанокот, запишете ги сите очекувања. Тоа е најдобар начин за мерење на перформансите и успехот подоцна. 5. Не го заборавајте менаџментот на перформанси Праксата е всушност стекнување искуство. Па според тоа, од клучно значење е тие во текот на летото, да научат повеќе за себе како професионалци, да дознаат кои се нивните силни страни, што прават добро, а во што треба да се подобрат. За таа цел, договарајте почесто редовни состаноци, на кои ќе дискутирате за сите овие работи, бидејќи тоа многу ќе им помогне на нив, како и на вас. Иако има многу работа и планирање,  тоа што ќе примите практикант, треба да биде едно позитивно и интересно искуство. Сетете се како ви било на вас кога сте биле практикант или студент и запрашајте се што вас ви беше најважно за време на летната пракса, а потоа искористете го тоа како инспирација.
Доколку ви треба совет поврзан со кариерата, според најнови истражувања, не треба да го барате кај членови на семејството или блиски пријатели. Како пример за лоши совети се оние на некои од родителите кои велат да не се зближувате многу со колегите од работа, или пак од некои пријатели, кои советуваат дека мотивационото писмо треба да биде многу долго и детално (затоа што така слушнале некаде). Во истражувањата, голем дел од вработените признаваат дека кога се работи за кариерата, многупати се случило пријателите да ги упатат во погрешна насока... Помал број кажуваат дека родителите и други членови на семејството некогаш им понудиле лош совет поврзан со кариерата, но сепак не е реткост. Без разлика дали првпат барате работа, или сте искусен професионалец кој сака да се искачи на патот кон успехот, или пак само сакате да ја промените кариерата и областа во која работите – не е реткост, ниту пак чудно да посакате да се обратите кај човек од доверба за совет. Иако блиските пријатели и семејството имаат само најдобри намери за вас и вашата кариера, сепак многупати може да ве одведат во погрешна насока, бидејќи не сите се професионалци, а многумина од нив го немаат ниту потребното искуство за да може целосно да ве насочат. Во истражувањата се докажува дека колегите и претпоставените многу поретко се случува да дадат лош совет, кога се работи за кариерата. Затоа, кога ви треба помош и насоки, најдобро е да се обратите кај некој што има искуство и ќе биде подготвен да ви даде совети кои ќе ви бидат од корист . Тоа може да бидат претпоставени и колеги од работа (доколку ја имате), поискусни колеги од факултет, професори, бизнис луѓе кои ќе ги запознаете на конференции, семинари и обуки, или други ваши познаници кои се успешни во кариерата и имаат зад себе големо искуство. Во секој случај, немојте да се потпирате само на еден човек. Побарајте повеќе мислења, поставувајте конкретни прашања, а на крај разгледувајте ги сите предности и недостатоци на советите кои сте ги добиле. Сепак, одлуката за тоа што е најдобро за вашата кариера, на крај секогаш е ваша. Еве неколку кратки безвременски совети за сите кои бараат работа: 1. Бидете подготвени Кога аплицирате за работа, приспособете го вашето резиме за позицијата и компанијата, вежбајте одговарање на тешки прашања кои ги поставуваат менаџерите и никако немојте да доцните. 2. Искреноста е најдобрата политика Никогаш не преувеличувајте, ниту пак лажете во вашето CV и биографија. Без разлика колку мала мислите дека е лагата, може да предизвика долготрајна штета на вашата кариера и репутација. 3. Не се плашете од промени Иако барањето нова работа можеби изгледа тешко и страшно, сепак работењето во околината која не ве прави среќни предизвикува полоши чувства. Доколку дојде време кога повеќе нема да се чувствувате исполнето со вашата работа на позицијата, тогаш е време да побарате нешто подобро. 4. Прифаќајте предизвици Без разлика на кое ниво во кариерата се наоѓате, секогаш треба да се предизвикувате да добиете нешто подобро. Редовно поставувајте си цели во кариерата и немојте да се плашите да преземате задачи и одговорности кои се надвор од вашата комфор зона, со цел да ги проширите вашите вештини и искуства.
Сигурно сте се соочиле со моментот кога сфаќате дека сте испратиле премногу апликации за работа, а не ви закажале нитуедно интервју. И колку и да си кажувате дека не е ништо страшно, сепак тоа што немате ништо закажано по малку ве плаши и прави да се чувствувате лошо и неуспешно. Но, запамтете: луѓето во такви ситуации не се неуспешни и постојат чести лаги во кои веруваат кога постојано се борат за нешто. Ова се лагите кои најчесто си ги кажувате во таква ситуација и алтернативите со кои треба да ги замените: 1. Треба да аплицирам за повеќе работни места за да си ги зголемам шансите Понекогаш отворените работни позиции се како лотарија. Кога ви треба да најдете нешто во најбрзо време, многу е полесно да погледнете во бројот на испратени апликации и да си кажете: „Морам да го дуплирам бројот за да ми се зголемат шансите да добијам некоја од нив“. И потоа го губите цел ден во испраќање на прилагодено CV и недоволно приспособени мотивациони писма за секоја компанија посебно, само за на крај да си кажете „Дадов сѐ од себе“. - Што да направите наместо тоа: Наместо да аплицирате за колку што е можно повеќе работни места, погледнете подобро во огласите за сите тие позиции. Можеби ќе сфатите дека не сите од нив се совпаѓаат со вашите цели во кариерата. Или, можеби ќе откриете големи грешки во апликацијата, што ќе ве чинат интервју. Завршете си ја подобро работата и пред да почнете да „бомбардирате“ со апликации, проверете си ги добро грешките и поправете ги, а потоа видете дали ќе има некоја разлика кога ќе испратите помалку, но поквалитетни апликации. 2. Добро ми е и со сегашната работа Кога не добивате никаков фидбек, лесно е да погледнете во сегашната работа со розови очила и да заклучите дека тоа е знак да останете на тоа место. На многу луѓе им се случило тоа. Некогаш, иако работата ве исцрпува и не ви се допаѓа или не ве исполнува, се тешите со тоа дека барем добивате некакви приходи кои ви се неопходни. - Што да направите наместо тоа: Можеби звучи детски и смешно, но на многу луѓе им успеало ова: земете пенкало и запишете сѐ што не ви се допаѓа на сегашната работа. Одвојте краток период од денот и размислете за вашата работа која ја имате, а потоа запишете сѐ што ви пречи или не можете да поднесете. Верувајте дека после тоа, големи се шансите да сфатите дека е време да почнете веднаш да барате нови шанси за подобра работа. Тоа што ќе си ги видите сите жалби и поплаки запишани „црно на бело“, ќе биде уште поголем мотив да барате нешто што ќе биде спротивно од тоа што сте го запишале на листот. 3. Не можам да направам ништо за да го сменам ова Кога се соочувате со ваков проблем, каде вие се трудите и мислите дека давате сѐ од себе, но сепак никој не ви закажува интервју, нормално е да помислите дека тоа што не добивате никаков фидбек е затоа што вие сте најлошиот кандидат што постои... Секако, тоа е далеку од точно, но кога немате ништо на што да се радувате однапред и кон што ќе целите, тешко е да верувате во спротивното. - Што да направите наместо тоа: Иако ова ќе биде спротивно на сѐ тоа што погоре прочитавте, сепак некогаш може да ви помогне и тоа што ќе направите кратка пауза со барањето нова работа. Целата ситуација можеби ве прави малку депресивни и се чувствувате незадоволно, па затоа може да бидете и многу непродуктивни, бидејќи сте постојано опколени со лоша енергија. Доколку сте моментално вработени, барем 1 ден посветете се 100% на улогата која сега ја имате, дури и ако го мразите тоа што го правите, а потоа добро одморете се. Или, ако сте невработени, одвојте едно попладне и правете нешто во што уживате. Променете го расположението и енергијата која владее во вас. Иако изгледа како чекор назад, верувајте дека после таков одмор ќе бидете поинспирирани и со нови сили ќе се обидувате да го постигнете тоа што навистина го сакате, вклучувајќи ги сите совети кои ги прочитавте претходно.
На многумина им се има случено кога аплицираат за работа набрзина да средат едно прилагодено CV и мотивационо писмо и да стиснат „испрати“, за подоцна да забележат дека погрешно си го напишале името или направиле некоја друга грешка. Некогаш се дава големо значење на целината и на големите работи, а лесно се забораваат основните работи. Потоа следи нов е-маил со извинување и повторно испраќање на апликација со точни податоци, но тоа не го менува фактот дека вие сте засрамени и изгледате несериозно. За да не ви се случува тоа, користете чек листа со 5 клучни точки – ќе ви одземе само 5 минути, но вреди да си ги проверите податоците и да бидете сигурни во себе, наместо да изгледате пред работодавачот како да не знаете да си го спелувате името. Спелување Правилното спелување е првото нешто што треба да го направите и потврдите во проверката. Проверете си го вашето име, името на компанијата, името на образовните установи итн. Граматика Во мотивационото писмо, добро е набрзина да ги прочитате речениците и да видите дали има некои граматички грешки или дополнителни празни места. Доколку аплицирате за автор/писател или уредник, ова е дефинитивно нешто на што треба да обрнете повеќе внимание. Но, дури и да не аплицирате за таква улога, документите и материјалите кои не содржат грешки укажуваат на темелни и посветени личности, па добро би било работодавачите да знаат дека добро си ја вршите работата. Факти Сигурно веќе знаете дека CV-то и мотивационото писмо треба да ви бидат прилагодени посебно за секоја компанија во која аплицирате.  Но, да бидеме реални – сигурно не го пишувате од почеток, туку на претходно напишана верзија правите промени за да го приспособите. Тоа секако е полесен начин, но исто така и ризичен, бидејќи постои можност да заборавите да смените име на компанија или да оставите некоја друга информација која не е воопшто поврзана со новата апликација. Или, доколку го праќате истото CV, а во меѓувреме сте промениле место на живеење или телефонски број, тогаш вашите основни податоци ќе бидат целосно погрешни. Проверете ги овие основни работи уште еднаш набрзина, но темелно. Ќе ви одземе само минутка, а ќе ве спаси од многу срамење. Инструкции Би било одлично доколку постоеја стандардизирани инструкции за испраќање апликации, кои ќе бидат исти за сите компании. Но, сите работодавачи се различни. Некои прифаќаат исклучиво PDF документи, други прифаќаат и во Word. Некои сакаат да пополните онлајн апликација, додека останатите ви бараат да испратите меил со прикачени документи. Затоа, во огласот добро прочитајте што бараат и едноставно следете ги инструкциите. Прилог/Прикачени документи „Во прилог ви го испраќам моето CV/мотивационо писмо“. Нема ништо лошо во оваа реченица – сѐ додека вашето CV/мотивационо писмо навистина е прикачено. Поштедете се од испраќање втор е-маил со извинување и испраќање на сите потребни документи, бидејќи во првиот сте заборавиле да ги прикачите.
Кога часовникот ќе покаже 16.00 часот, за најголем дел од вработените е крај на работниот ден. Но, не за сите. Ако работите повеќе работи, или планирате да си најдете дополнителна работа, после 16 часот, време е да го пренасочите вниманието и да го поминете остатокот од денот и вечерта во работење за другата работа. И на крај, имате само уште неколку часа спиење пред да започне новиот ден и пак сѐ од почеток. Работењето повеќе работи веќе не е толку ретко, без разлика дали се работи за штедење повеќе пари, почнување на сопствен бизнис или стекнување пробно искуство. Многу луѓе се охрабруваат да започнат со втора работа која ќе ја работат од дома. Но, со рани утра и доцни ноќи и претерано многу одговорности и задачи за кои треба да се грижите, навистина е тешко да најдете баланс помеѓу исполнување на обврските и одржување на нормален живот. Доколку се двоумите дали да најдете или да прифатите втора или трета работа, вие најдобро знаете дали треба да го направите тоа, но ние ве охрабруваме со неколку совети кои ќе ви помогнат да успеете: Најдете брзи решенија за животниот стил Кога работата ќе ја преземе контролата, другите неопходни работи како здрав балансиран живот, често се ставаат на последно место. Мислевте дека е тешко да подготвите ручек или да вежбате кога имате една работа? Додадете втора (или трета) и тоа станува речиси невозможно. Според професионалците, не треба денот да ви се состои само од работа, бидејќи така нема воопшто да бидете продуктивни, особено со онаа втората работа. Најдобро е да се одржувате физички активни и да го полните телото и умот со енергија која ќе ви овозможи полесно да се справите со обврските. За време на пауза, прошетајте или качувајте се и симнувајте се по скалите кои се во близина на вашата работа или дом (доколку работите од дома). Испланирајте си ја неделата однапред Доколку не се грижите и не го следите постојатно вашиот распоред за работа, неочекувани настани може лесно да „искрснат“ и да ја уништат вашата продуктивност. Таман помисливте дека имате слободна вечер за да работите на вашата втора работа, вашиот шеф од првата работа ве потсетува дека мора да присуствувате на некој настан и автоматски работата ви се одолговлекува. За да се придржувате до вашите приоритети, одвојте време од викендот и испланирајте ја цела недела. Направете распоред за вашата работа, состаноци, настани и на крај ќе знаете како да го организирате и слободното време, доколку ви остане. Со добра организација ќе можете многу полесно да постигнете повеќе работи, без нервоза и потешкотии, а ќе бидете и поефикасни во работата. Давајте си одмор Доколку барате втора работа, обидете се да најдете некоја со флексибилно работно време, а потоа доколку сте во можност земете си барем еден слободен ден во неделата. Ако тоа не е возможно, одберете неколку часа во денот (не мора секој ден), во кои ќе одмарате и нема воопшто да размислувате на работата која ви останала, што нѐ носи до следната точка: Кога не работите, немојте да мислите на работата Кога работите на повеќе места и обврските ви се мешаат - за едната работа се грижите за трошоци и крајни рокови, а за другата размислувате дали сте завршиле нешто друго, нормално е дури и кога моментално не работите, паметот да ви е во тоа, наместо да се релаксирате – што целосно го саботира и тоа малку време за одмор што сте си го дале. За тоа, не постои некое магично решение, освен што може да си го олесните процесот, со „to-do“ листи, каде за секоја работа посебно ќе водите евиденција што треба да завршите и што сте завршиле. Кога ќе ви бидат штиклирани повеќе работи од двете работни места на листата, ќе можете полесно да одмарате, знаејќи дека задачите се завршени. Не заборавајте на вашата крајна цел Да бидеме реални – сигурно не работите повеќе од една работа и 100+ часови неделно, само затоа што ви е досадно и немате што попаметно да правите. Можеби се обидувате да отплатите долгови, штедите за нешто големо, работите пробна хонорарна работа, бидејќи сакате да видите како ќе се снајдете во некоја нова област, или пак работите на некој сопствен нов бизнис. Која и да е причината, дополнителната работа ве носи сѐ поблиску до вашата цел. Затоа е важно секогаш да ја имате на ум крајната цел и да запамтите дека тоа е всушност крајна . Тоа значи дека нема засекогаш да работите толку работи, туку само додека да дојдете до посакуваната цел.
Вистина е кога велат: „Барањето работа е работа само по себе, само што не е платена“. Подготвувањето на сѐ што ви е потребно не е воопшто лесна работа – од креирање резиме и CV до подготвување за интервју. Всушност, може да биде многу тешко, особено ако се работи за вашето прво барање работа и почнување од „нула“. Тајната е во тоа да одите чекор по чекор. Искористете го овој водич со сите потребни чекори за да ви се олесни работата во целиот процес на пребарување работа. 1. Креирајте резиме/CV Овој чекор, како за почеток е навистина тежок, особено ако уште студирате или туку што сте завршиле и немате никакво работно искуство. Но, сепак, може да имате повеќе искуство отколку што си замислувате. Тука влегуваат сите пракси, волонтерски работи, или лидерски позиции од учество на професионални кампови и обуки. 2. Изградете професионална мрежа од луѓе Има вистина и во клишето: „Не е важно што знаеш, туку кого знаеш“. На крајот на краиштата, препораките се најдобар начин на кој може да добиете работа, а затоа градењето на професионална мрежа од луѓе е многу важна и неопходна. Можеби тоа звучи исфорсирано и тешко, но не мора да биде така. Тоа може да бидат професори од факултетот кои може да ви помогнат во областа во која сакате да се градите понатаму, ментори, или други луѓе кои може да ги запознаете на различни обуки, пракси, семинари, конференции итн. Не ги избегнувајте настаните каде што можете да запознаете луѓе кои може да ви помогнат во вашата понатамошна кариера. 3. Проверувајте ги огласите за работа Еден од најбрзите начини да дознаете за слободни работни места е онлајн пребарување на сајтовите со огласи за работа. Тука , можете да пребарувате по работна позиција, компанија, локација, индустрија, но може и да го прикачите вашето CV, за работодавачите кои бараат кандидати, да може полесно да дојдат до вас. 4.Опишете се во мотивационо писмо Работодавачите сѐ почесто бараат од кандидатите мотивационо писмо, за да може да дознаат нешто повеќе за нив, а вие ќе имате шанса да се претставите себеси и да објасните зошто мислите дека би биле добар избор за компанијата и позицијата. Писмото нека биде кратко и јасно и секојпат прилагодувајте го според компанијата и позицијата за која аплицирате, бидејќи искусните менаџери знаат да забележат кога користите генеричко мотивационо писмо, кое го праќате на сите компании. 5. Преминете веднаш на изворот Секогаш сте сакале и замислувале дека ќе работите за некоја конкретна компанија? Ако имате компанија на ум, во која сакате да работите, посетете го веднаш нивниот сајт или пребарајте дали имаат објавено оглас за некоја слободна работна позиција. Повеќето компании имаат посебна категорија „кариера“ со информации за слободните можности и бенефити. Во некои компании дури може и да се регистрирате, или само да испратите CV, за кога ќе има во иднина отворени работни места да ве повикаат на интервју. 6. Не заборавајте на социјалните мрежи Социјалните мрежи може да бидат на ваша страна, но може да имаат и негативен ефект врз вашето барање работа. Мора да знаете дека половина и повеќе работодавачи ги проверуваат профилите на кандидатите на социјалните мрежи. Имате нешто на вашиот Facebook, Instagram, или Twitter, што не сакате потенцијалните работодавачи да го видат? Тргнете го, или сменете ги опциите за приватност. Друго што треба да знаете е дека многу компании ги користат социјалните медиуми за да се рекламираат и да објавуваат отворени работни места, па затоа следете што повеќе компании. Не само што е лесен начин да дознавате за работни можности, туку е и добар начин за комуницирање, поставување прашања и може да дознаете повеќе за работењето на компанијата. 7. Бидете најдобри на интервјуто Ве повикаа на интервју? Завршете си ја домашната задача, дознајте сѐ што треба, прочитајте совети за интервјуата , дознајте кои се најчесто поставуваните прашања и подгответе ги вашите одговори, облечете се адекватно и импресионирајте ги работодавачите со вашите способности и квалитети.
Интервјуата може да отидат во погрешна насока од многу различни причини. Може да се блокирате и да не знаете што да кажете, да дадете слаб и засрамувачки одговор, или пак да направите некоја „белја“, како на пример да се истурите со вода себеси или интервјуирачот, што навистина е непријатно. Но, немојте поради една грешка да дозволите целиот состанок да се уништи и справете се со ситуацијата како што треба, покажувајки способност да останете смирени. 1. Признајте си ја грешката Кога се работи за вакви типови на грешки за време на интервју, најдобро е да си ја признаете грешката. Немојте да го игнорирате тоа што се случило, надевајќи се дека интервјуирачот не забележал, бидејќи тоа не е вистина. Ако се заплеткате во сопствените зборови или кажете нешто погрешно, многу е подобро отворено да покажете дека сте згрешиле. На пример, може да кажете: „Ова не испадна како што го замислив, ќе се обидам повторно...“, па потрудете се и поправете го тоа што сте го кажале. Ако го игнорирате тоа, може да покажете дека не сте самосвесни или дека правите такви грешки цело време. 2. Ви се блокираат мислите Ако сте ги анализирале однапред најчесто поставуваните прашања и сте ги испланирале вашите одговори, помалку е веројатно дека ќе се блокирате за време на интервјуто, бидејќи ќе бидете подготвени. Но, доколку ве фати нервоза и трема, постојат начини за ситуацијата да се поправи. Напијте се вода, за да си „купите“ малку време додека си ги соберете мислите пред да одговорите. Доколку и тоа не помогне, најдобро е да си го преформулирате прашањето и да го одберете делот на кој можете да одговорите. Можеби подоцна ќе се сетите за подобар одговор и ќе се надополните – но, одберете добар момент за тоа. Откако интервјуирачот ќе заврши со неговите прашања, надоврзете се на претходната тема. Обидете се да се снајдете во моментот, а доколку не успеете, за на крај оставете ја опцијата да замолите да ви го повторат прашањето. 3. Не можете да се сетите на пример Сценарио прашањата, кои почнуваат со: „Кажете ми како сте се справиле со...“, треба да се лесни за одговарање ако сте добро подготвени. Но, ако ве прашаат нешто неочекувано, најдобро е да играте на карта – дополнително време со прашање. Можете да кажете: „Сакам да го поврзам моето искуство колку што е можно поблиску до работата, па ќе може ли да ми дадете повеќе детали за тоа што бара оваа работна позиција?“. Ако не можете да се сетите на пример кој ви бил поврзан со работата, смислете нешто од вашиот живот надвор од работата, но сепак да има смисла. Ако сѐ уште не можете да се сетите на нешто што ќе има смисла, најдобро е да го кажете тоа отворено, наместо да импровизирате со лоши приказни...  И повторно, можеби понатаму во разговорот ќе се сетите на нешто добро и ќе може да се надоврзете. 4. Давате слаб одговор Соговорникот ги крева веѓите и вие пропаѓате во земја, кога ќе сфатите дека сте дале слаб и засрамувачки одговор. Ако можете да ја поправите ситуацијата веднаш, тогаш не чекајте. Ако не можете да се сетите на добар одговор со кој ќе се извлечете од непријатната ситуација, тогаш само заборавете и продолжете понатаму. Но, немојте да се навраќате на тоа. Ако продолжите да мислите на тоа, ќе бидете дефокусирани и вниманието ќе ви биде одвлечено, а тоа резултира со пропаст на целото интервју, бидејќи нема да бидете способни да ја исправите грешката и да се покажете во подобро светло. Затоа, само фокусирајте се на прашањата кои ги одговарате во моментот. 5. Кажувате нешто негативно за вас Ако кажете нешто што ве прикажува во лошо светло, застанете и пренасочете го фокусот. Не можете да го вратите назад тоа што сте го кажале, а доколку продолжите со темата, само ќе копате подлабока дупка и нема ништо да постигнете. Затоа останете позитивни во текот на разговорот и повторувајте си ги во себе тешките прашања и одговорите, за да не дојдете повторно во ситуација да критикувате претходни шефови, организатори или пак самите себе и вашиот перформанс. А, доколку „се фатите себеси“ како зборувате за мината грешка, тогаш и не е толку страшно. Можете да го пренасочите тоа и да кажете што сте научиле од тоа искуство и како би ги направиле работите поинаку во иднина. 6. „Ве фатиле“ дека имате лажни информации во CV-то Добар работодавач, ќе го анализира вашето CV уште пред да започне интервјуто и потоа ќе ви поставува прашања за разјаснување на нејасните и неконзистентни информации. Ако стане јасно за време на интервјуто дека интервјуирачот сфатил дека имате лажни информации или дека сте се прецениле во некои тврдења во CV-то, тогаш немојте да ја правите ситуацијата уште полоша со прикривање на трагите... Ако имате среќа, можеби ќе се извадите доколку се работи за ситни грешки како погрешен датум, временски период или титула и ќе ви бидат простени. А, доколку продолжите со лажење и поцрвените во лицето, можете веднаш да бидете сигурни дека ќе ве одбијат... 7. Научете си ја лекцијата За крај, научете си ја лекцијата и обидете се да гледате на позитивната страна. Во некои ситуации, најдобро е да се покажете смирени кога работите ќе тргнат наопаку. Ако се испаничите, тоа нема да биде добро за вас. Но, ако успеете смирено да се справите, ќе се прикажете во одлично светло и тоа некој може и да го импресионира. Сите прават грешки. Ако можете да научите нешто од тоа, во ред, ако не – продолжете понатаму. Ќе има и други можности.
Менаџерските вештини се нешто на што наидувате постојано во огласите и често го слушате на многу места, но сепак не можете да дефинирате што точно значи тој поим. Во широка смисла, менаџерска вештина може да биде сѐ што ви овозможува да менаџирате со другите ефективно. Додека некои вештини се разликуваат во зависност од индустријата, има некои кои се универзални во секоја работна околина и секако е добро да се поседуваат. Па, доколку аплицирате за некоја менаџерска позиција, добро е да знаете кои вештини треба да ги поседувате и да ги вметнете во вашето CV: Мотивација Менаџерите кои можат да ги мотивираат вработените имаат голема предност во компанијата. Овој тип на интеракција, не само што ја зголемува продуктивноста и задоволството на вработените, туку и поставува добар пример, исто така. Работодавачите бараат лидери кои можат да ги забележат силните страни на вработените и ќе им помогнат да ги развиваат. Важни вештини во оваа област: Oхрабрување на вработените да земат одговорност за проектите Создавање енергична и високо мотивирачка работна средина Укажување почит за достигнувањата на останатите и поддршка Обезбедување награди и стимулација за добриот перформанс Решавање на проблеми Вистинската комбинација на вештини им дава моќ на менаџерите да идентификуваат и да се соочуваат со различни проблеми што може да се појават во работата. Но, ова прво бара неверојатна моќ за забележување на детали. Врвните менаџери можат да забележат проблем, уште пред да стане очигледен и сите други во компанијата да го воочат. Аналитички способности исто така се важна работа во менаџментот. Треба да знаете кои информации се најрелевантни, како да ги собирате, и што значат резултатите што ќе ги добиете. Истакнете ги овие вештини за решавање на проблеми, во вашето резиме: Забележување на потенцијални проблеми уште пред да се појават Идентификација на фактори кои влијаат на проблемите Решавање на проблемите брзо и ефикасно Професионализам Добрите менаџери имаат високи стандарди, за останатите вработени да може да имаат добар пример и да целат кон истото. Интегритет, искреност и професионализам се клучни способности за менаџерите. Работодавачите бараат кандидати кои се држат строго до моралниот кодекс и поставуваат добри примери за другите. Квалитети кои покажуваат професионалност во вашето резиме: Обезбедување на исклучителни услуги за потрошувачите со професионален став Покажување на силни морални вредности Дипломатски решенија за работните проблеми Покажување иницијатива Присуство на семинари за професионален развој Комуникација Eдна од најголемите одговорности кои менаџерите ги имаат е ефективната комуникација, и со вработените кои работат под нив и со останатите менаџери. Човечките вештини се клучни. Треба да бидете способни да комуницирате ефективно - вербално и пишано. Најдобрите менаџери се секогаш способни да испратат јасна порака и да споделат вредна и разбирлива информација што ќе им помогне на сите да си ја завршат својата работа. Вклучете ги овие типови на комуникација и човечки вештини во вашето резиме: Подготвување јасни и концизни материјали за обуки Одржување на отворена комуникација со соработници Успешно преговарање за решавање на споровите со вработените Поттикнување комуникација помеѓу повлечените вработени Водење ефикасни состаноци кои се продуктивни Иновација Иновацијата е клучен збор за скоро секоја компанија. Конкуренцијата секогаш ќе се обидува да развива подобри производи и услуги од компанијата во која ќе работите. Тие компании кои имаат постојата иновација, остануваат на врвот, привлекувајќи нови клиенти и задржувајќи ги веќе постоечките со постојани подобрувања. Работодавачите имаат „око“ за кандидати кои ќе донесат различни идеи и перспективи во компанијата и токму нив ќе ги вработат. Истакнете ја вашата способност за иновација со овие вештини: Развивање на иновативни решенија за потребите на потрошувачите Генерирање нови идеи за маркетинг кампањи Редизајнирање на системи за зголемена продуктивност и функционалност Градење модели за истражување за тестирање на нови идеи за производи Вклучувањето на наведените вештини во вашето CV, ќе ве донесе до успех во менаџирањето. Ова важи, како за оние кои бараат менаџерска позиција, така и за тие кои аплицираат за пониски нивоа. Истакнете ги сите менаџерски способности во вашето резиме, без разлика каква работа барате. Поседувањето на квалитети на добар менаџер ќе ве донесе до успех на сите нивоа во компанијата. Работете на овие способности и гледајте како тие ќе влијаат на вашиот перформанс и можности.
Сигурно многупати сте се нашле во ситуација и момент од животот кога се чувствувате како да не правите ништо корисно. Денот ви е исполнет со навики кои не ви носат ништо добро и само го губите времето. Или пак, се трудите да завршите некои работи и да постигнете некакви цели, но безуспешно.  Ова се 4 совети од професионалците за тоа како да бидете попродуктивни секојдневно. 1. Планирајте Сѐ што ви треба е секое попладне да одвојувате по 5-10 минути, пред да ги завршите дневните обврски и да зацртате една нова цел која ќе ја исполните утре. Некогаш, најтешкото нешто е да одлучите на што да работите прво и што да завршите прво. Ако оваа одлука ја правите наутро, може да се одолговлечи и блокира процесот, а тоа не е добар начин за започнување на денот. Затоа претходната вечер, испланирајте си ги најпродуктивните часови за следното утро, за да не губите следниот ден време и да не се прашувате од каде да почнете. 2. Имајте утринска рутина Да се има утринска рутина е најдобрата работа според многу професионалци. Со утринската рутина секојдневно ќе знаете дека уште на почетокот на утрото сте завршиле неколку работи како што треба. Па така, без разлика што ќе ви донесе остатокот од денот, ќе знаете дека барем сте ја постигнале утринската цел (без разлика дали тоа ќе биде нешто поврзано со вашето здравје или ќе биде на професионален план). 3. Поделете ја работата во сесии Една од најголемите грешки што луѓето ја прават е тоа што се фокусираат целосно на следната задача и си веетуваат дека нема да се поместат или да направат пауза додека не ја завршат. Но, наместо да настапувате со тој став, поделете ја работата и испланирајте си од почеток периоди за пауза и за работа. На тој начин, ќе го избегнете деконцентрирањето и ќе имате поголем успех и прогрес во задачите, проектите на кои работите или било што друго што правите. 4. Позитивен став Ако навистина сакате да завршите повеќе работи, немојте да се фокусирате на тоа што не можете да го направите, туку посветете се на сѐ она што ви „оди од рака“. Така, не само што ќе бидете посреќни, туку и вашата продуктивност ќе се зголеми. Кога имате позитивен став, и ги препознавате сите работи на кои треба да сте благодарни, ќе бидете способни да се фокусирате на многуте работи кои сте ги постигнале, наместо на работите кои не сте успеале да ги постигнете. А, поради тоа, ќе можете и понатаму да целите кон завршување и достигнување на што повеќе задачи и цели.