Назад

Дали вашата кариера оди во правилна насока и како да ја одберете најдобрата работа за вас?

Да се одбере вистинската кариера во вистинската област е навистина тешко, дури и со помош од поискусни, може да бидете несигурни во тоа што е најдобро за вас.

Една од причините за тоа е што луѓето почесто се фокусираат на парите, отколку на самата работа и тоа што тие сакаат. Многу луѓе може да прифатат работа што не ја сакаат, само затоа што е добро платена.

Без разлика дали сте на почетокот на кариерата или сте со искуство, но мислите дека треба да ја проемните вашата кариера, следете ги овие чекори, кои ќе ви помогнат да го одберете најдобриот пат:

1. Одредете дали навистина сте избрале погрешна кариера

Доколку размислувате за промена на кариерата, најверојатно, веќе некое време сте се мачеле со овој проблем во главата.

Прво што треба да направите е да одредите дали сте во погрешна област или во погрешна околина.

Ако сте одбрале погрешна работа, земете си време да сфатите зошто е погрешна. Што ве прави несреќни? Најдете го тоа што го барате пред да премиенте на следна работа.

Можеби ќе треба да копате подлабоко за да сфатите што навистина ви пречи во работата. Ако се чувствувате уморно, нервозно, досадно, под стрес на сегашната работа и секојдневно се борите и мачите со дневните задачи кои ги имате, можеби е неопходна промена на кариерата и индустријата во која работите.

2. Дознајте што сакате, а што не сакате

Луѓето завршуваат во погрешни индустрии и кариерите им одат во погрешна насока поради многу различни причини.

Многу често се случува тие да одберат и да прифатат работа за да задоволат некој член од семејството или за да постигнат некој статус, да добијат одредена плата или едноставно, затоа што во тој момент изгледало како одбра идеја.

Треба да знаете дека тоа во што сте добри, треба да го претворите во ваша кариера. Но, проблемот е што сте добри во повеќе работи и сте страстни кон повеќе работи. А, најдобро е да се пронајдете таму каде што работите во кои сте добри и за кои сте страстни се сретнуваат и се поклопуваат.

Кога се одлучувате за нов правец во кариерата, најдобро е да имате конкретни цели, а тие цели ќе ги откриете поставувајќи си ги следниве прашања:

  • Што уживате да правите?
  • Кои вештини ги употребувате кога го правите тоа во што уживате?
  • Што ви значи најмногу?
  • Во што сте добри?
  • За што ви се восхитуваат другите и зошто?
  • Кои работи ги правите подобро од останатите?

Откако ќе ги одговорите овие прашања, ќе ви биде полесно да одредите каде сакате да бидете и што ви треба за да стигнете дотаму.

3. Проценете ја вашата позадина и карактер

Кога ќе знаете што сакате од вашата кариера, оценете ги вашите квалификации кои ги поседувате за работните позиции во таа област.

Два најважни фактора при избирање идеален кариерен пат, се вашата позадина (образование, претходно искуство, практични вештини) и вашиот карактер (карактерни црти, интереси, вредности)

Двете треба да бидат земени во обѕир, но во зависност од вашата посакувана кариера, некогаш вашиот карактер може да биде поважен од вашето резиме.

Сепак, ако одберете кариера во областа на инженерството, медицината или правото, тренингот и вештините се многу важни. Но, во некои други улоги, како на пример во менаџментот, карактерните особини, како посветеност кон работното место и кон вработените, силната работна етика и лојалноста, се многу поважни.

Можете да научите и да се стекнете со нови вештини секогаш, но не можете во секој период од животот одново да се научите на правилно однесување, став, култура и етика.

Поседувањето на диплома во одредени индустрии може многу да ви помогне, но ако ја немате, не мора да значи дека тоа ќе ве спречи да добиете некоја работа. Личност со вистински способности и желба за учење, може да биде добар избор за позицијата во некоја компанија, дури и ако нема формално и стручно образование за тоа поле.

Најважно од сѐ е да знаете дека треба да пробате повеќе различни работи пред да се одлучите за вашиот кариерен пат.

4. Бидете отворени за секакви можности

Без разлика до која фаза од животот или од кариерата сте стигнале, најважно е дека при бирањето работа, треба да ги имате на ум сите опции.

Ако сте нови на пазарот на труд, земете си време да  ги истражите вашите интереси и да учите за различните кариерни патишта.

Верувајте му на сопствениот инстинкт и запамтете дека пробните периоди и грешките се дел од процесот на бирање кариера.

Истото важи и за оние кои ја менуваат кариерата – никогаш не е предоцна да ги достигнете вашите професионални цели, дури и ако сте биле на погрешна патека досега, сѐ уште можете да ја смените работата за некоја друга која што мислите дека ќе ве направи посреќни.