Назад

Водич низ процесот на барање работа: Што е фрустрирачко, но нормално и што не е нормално?

Нешто што може да го олесни процесот на барање работа е да знаете што е нормално и треба да се прифати, иако ве нервира, а што не е нормално и не треба воопшто ни да размислувате за тоа.

Иако, чекорите може да бидат различни во зависност од организацијата, сепак постојат некои заеднички и фрустрирачки искуства кои ќе ги доживеете на повеќе места каде што ќе аплицирате.

Важно е да ја знаете разликата помеѓу тие кои се фрустрирачки и нормални и оние на кои треба да им ставате „црвени знамиња“ – што значат дека не треба да ја прифатите работата.

Фрустрирачко, но нормално: Нејасни описи за работното место

Кога аплицирате и барате работа онлајн, ќе наидете на многу „празни“ огласи со нејасни описи, и иако тоа нервира, сепак ќе го гледате уште долго. Многупати, огласите ги пишуваат од човечки ресурси или некој друг од компанијата кој нема да биде директно задолжен за личноста која ќе ја добие улогата.

Затоа некогаш работата не е претставена добро и на краткиот опис може да пишува само: „и други секојдневни задачи...“ - што не ви открива ништо.

Затоа запомнете дека ќе треба сами да „копате“ на интервјуто и да дознавате што повеќе информации за тоа како изгледа типична работна недела во компанијата.

Не е нормално: Да нема никаков опис за работата

Доколку работодавачот не споделил никаква информација за работата, тогаш тоа гледајте го како да има црвено знаменце.

 Ова може да значи дека тие немаат идеа која ќе биде улогата на нововработениот, или пак задачите и обврските не се воопшто привлечни, па мислат дека нема никој да аплицира ако ги знае деталите.

Фрустрирачко, но нормално: Чекање на одговор и фидбек

За жал, сосема е нормално да не добиете никаков повратен одговор неколку недели, или да добиете генерички меил што го испраќаат на сите што ќе аплицираат.

Вработените во компаниите, менаџерите и работодавачите имаат секојдневно и друга работа, па не се во можност секојдневно да разгледуваат апликации и да одговараат на кандидатите.

Не е нормално: Да се чувствувате како само вие да ги правите сите чекори

Да, во ред е да бидете проактивни и да испратите меил ако предолго чекате. Но, не треба да се чувствувате како само вие да сте заинтересирани за процесот и да не добивате ништо за возврат од компанијата.

Ако ви кажале дека кандидатите ќе бидат контактирани за интервју до одреден ден, а тој ден поминал одамна, во ред е да ги контактирате и да прашате, а потоа процесот продолжува – тоа укажува на 2 работи: Или компанијата е многу неорганизирана, или вие не сте најдобриот избор.

Фрустрирачко, но нормално: Да ве прашаат прерано за вашите очекувања за платата

Работодавачите имаат одговорност да се осигураат дека вашите очекувања за платата, ќе се поклопуваат со нивните стандарди и буџетот определен за таа позиција која што е отворена.

Затоа, бидете подготвени да одговорите на тоа прашање.

Не е нормално: Да ви кажат дека мора да кажете сума за да продолжите со процесот

Ставете огромно црвено знаме на понудата, ако работодавачот ја користи платата како единствен механизам. Не е стандардно за нив да зборуваат само за плата и да одбиваат да продолжат со интервјуто додека кандидатот не каже одредена сума која што ја очекува.

Фрустрирачко, но нормално: Повеќе интервјуа

Кога ќе стигнете конечно до фазата на интервју, доколку се работи за голема организација, нормално е да имате повеќе интервјуа со различни луѓе од повеќе департмани или нивоа во компанијата.

Ова освен што ќе ѝ биде од корист на компанијата да дознае подобро дали сте правилен избор, ќе ви помогне и на вас да видите различни перспективи за работата.

Не е нормално: Да го имате истото интервју повеќепати

Ако компанијата ве повикува повторно и повторно, тие треба да имаат конкретна цел и причина за секое интервју (на пример да сакаат да разговарате и да се претставите пред некој друг).

Но, ако ве викаат повеќепати за да се состанувате со истите луѓе и да одговарате на истите прашања, тоа може да значи дека компанијата не може да се одлучи и не го цени вашето време.

Фрустрирачко, но нормално: Да не добиете понуда на крајот на интервјуто

Понудата обично се добива на последното интервју. Ова може да потрае и 1 недела или малку повеќе за внатрешни одобрувања, па затоа немојте да паничите уште кога ќе поминат првите неколку дена.

Не е нормално: Да чекате со недели после финалното интервју за да добиете понуда

Има неколку работи што кандидатите мислат дека треба да ги прифатат во оваа фаза од процесот, но всушност не треба да се прифатат.

Прво, понудата не треба да се чека неколку недели по последното интервју. Ова значи дека компанијата има висока бирократија и има многубројни одобрувања кои се потребни пред понудата да биде формирана. Или пак, се недоволно професионални и организирани, штом им треба толку многу време за да се одлучат.

Доколку сакате работа со динамична атмосфета и околина во која што се работи со брзо темпо, тогаш размислете двапати пред да прифатите ваков тип на понуда.

Фрустрирачко, но нормално: Преговарање

Да, во идеални услови, компанијата ќе понуди одлична плата што вие веднаш ќе ја прифатите. Но, многу често, работодавачите почнуваат со пониски суми. Тоа е сосема нормално, со оглед на тоа што очекуваат дека вие ќе преговарате и ќе барате повисока плата, па затоа мора да почнат со помали цифри.

Не е нормално: Да ве заплашуваат со ниска плата

Не е нормално компанијата целосно да одбие преговарање. Иако многу компании имаат голем буџет и големи плати, сепак постои простор за разговарање околу деталите.

Ако ставот на компанијата е: „Бидете среќни со оваа работа и плата, ако не сакате да ја прифатите, има многу други кои ќе ја прифатат“ – тогаш тоа е лош знак!


Добро е да знаете што да очекувате во повеќето ситуации, но сепак, најдобро е да се слушате себеси кога мислите дека нешто не е како што треба.

Многупати ни се случува на сите, да ги избегнуваме знаците за предупредување, бидејќи толку многу сакаме да почнеме со нова работа и бараме добро во лошото.

Но, таквиот став носи до лоши одлуки и на крај може да завршите со работа која ве прави несреќни. А, сте работеле многу напорно за да дозволите тоа да се случи...