Бабата која ја разбранува јавноста: „Барам ќерка ми да ми плати кога го чувам внукот – дали е во ред?“

Возрасна жена побарала плата од ќерка ѝ за да се грижи за 1-годишниот внук – додека некои ја критикуваат, други истакнуваат дека бабите и дедовците не треба да бидат бесплатна градинка.

Бабите и дедовците можат да им бидат од огромна помош на родителите кои мораат и да работат, и да се грижат за нивните деца.

Во ситуации кога ќе се појави неодложна обврска и мораат да излезат или кога им треба каква било помош во врска со детето, родителите секојпат прво ги бараат бабите и дедовците.

А, повеќето баби и дедовци едвај чекаат да помогнат и да поминат повеќе време со нивните внучиња.

Сепак, една повозрасна жена ја подели јавноста кога сподели дека барала пари од ќерка ѝ за да се грижи за внукот.

Жената вели дека и таа има живот и грижата за внукот е дополнителна обврска за којашто смета дека е во ред да наплати.

„Ќерка ми има 29 години и има 1-годишен син, а наскоро ќе се врати на работа. Работи пет дена неделно, до 15 часот, и ме праша дали ќе можам да се грижам за внукот два или три дена неделно.

Се разбира, секогаш сум отворена за да поминам време со внукот, но ѝ кажав дека ќе сакам да добијам и плата – 12 долари на час“.

За споредба, просечната плата во САД изнесува околу 15 долари на час.

„Ме разбра зошто сакам да ми плати, но потоа ми рече дека може да ми даде само 10 долари на час бидејќи не може да си дозволи повеќе со плата од 22 долари на час. Ми рече дека сепак се само 2-3 дена неделно бидејќи останатите денови ќе доаѓаат родителите на нејзиниот сопруг, како и дека таа ќе ја купува потребната храна.

Јас си го сакам внукот, но не сум градинка. Имам мој живот, и јас работам (од дома) и мислам дека треба да разбере дека кога ќе се грижам за него, ќе си го скратам работното време. Кога работам од дома, не можам истовремено да се грижам и за нејзиното дете“.

Жената вели дека ќе ѝ треба надоместок бидејќи кога ќе се грижи за внукот, ќе го намали обемот на работата што веќе ја има, што значи ќе заработи помалку пари.

Според коментарите, мислењето на јавноста е поделено. Некои сметаат дека е сосема во ред што жената бара пари од ќерка ѝ.

„Во градинка, една воспитувачка се грижи за повеќе деца. Луксуз е една личност да се грижи за само едно дете. Сепак, многу родители не го сфаќаат ова и мислат дека можат да го добијат овој луксуз без да платат“.

„Кога сакате некој да биде лична дадилка за вашето дете, тогаш треба да му платите доволно за да може да се издржува. Родителите се шокирани кога сфаќаат дека дадилките без искуство наплаќаат 12 долари на час.

Можеби бабата нема искуство како дадилка, но е возрасна личност што знае да се грижи за детето и ја заслужува таа плата“.

„Бабите и дедовците не се бесплатна градинка! Немојте да раѓате деца и потоа да очекувате вашите родители да се грижат за нив.“

Некои, пак, велат дека бабата треба да биде лиценцирана дадилка или да има некакво образование поврзано со грижа за деца ако сака плата, но и дека треба само да биде среќна што има можност да минува време со внукот.

„Кои се твоите квалификации? Имаш ли каква било диплома поврзана со грижа за деца или нивниот развој? Според мене, ова се квалификациите што ги имаат професионалците кои се грижат за деца и токму затоа се платени“.

„Тоа е твојот внук. Мислам дека на крај, другите баба и дедо ќе го гледаат почесто, а ти ќе станеш бабата што го гледа внукот само за родендени и празници“.

„Зошто едноставно не ѝ кажеш дека не сакаш да се грижиш за внукот? Бараш речиси 2/3 од парите што ги заработува. Очигледно е дека не може да си го дозволи тоа“.

Што мислите вие – дали е во ред што жената побарала пари од ќерката, или не треба ни да помислува на тоа кога станува збор за грижа за внукот?

Извор: https://www.crnobelo.com/