Споделуваме искуства: „Како работењето по 80 часа неделно ми го уништи здравјето?“

Три од пет луѓе признаваат дека се соочуваат со проблеми со менталното здравје поради работата.

Paula Bellostas Muguerza работела како менаџер во консултантска фирма по 80 часа неделно.

Но, по 6 месеци со вакво темпо и со патување од град во град и од земја во земја, таа започнала да има сериозни проблеми со здравјето поради преголемиот стрес.

Таа ја раскажува својата приказна за и други луѓе да не ја направат нејзината грешка.

„Во мојата професија немаше два исти дена, мојот живот изгледаше како интензивно трчање. Патував многу низ Европа и низ Сад. Минував по 2,3 града неделно, а викендите работев од Лондон.

Во Лондон денот ми започнуваше со конференциски разговори од 6 часот наутро додека сум во такси накај канцеларијата за да стигнам во 7. Потоа имав многу состаноци, а адреналинот ми даваше сила и да одам на вежбање во фитнес центарот. Мислев дека му правам добро на моето тело, но тоа темпо уште повеќе го предизвикуваше лачењето на хормоните на стрес кај мене. Се враќав дома доцна и повторно работев  до 11 часот навечер, а често и до 2 по полноќ.

Потоа доживеав неколку ненадејни напади и завршив во болница. Откако променив 3 доктори, ми дијагностицираа ретка и тешка форма на мигрена (Hemiplegic Migraine). Имав и по 15 напади месечно. Испадна дека станува збор за епигенетско нарушување, сум имала гени носители на таа болест, но тригер бил хормоналниот дисбаланс, односно преголемите количина на кортизол и адреналин во моето тело од целиот тој стрес.

Презедов премногу одговорности не знаејќи да кажам „не“. Не сакав да разочарам никого и да покажам слабост, иако се чувствував комплетно истоштено. Си играв со оган и се изгорев.

Сега се вратив во нормала, но си поставив граници. Прво мислам на себе, своето здравје, здравиот начин на живот и луѓето што ги сакам, а потоа на работата. Престанете да велите дека сте добро кога не сте. “

Извор: www.crnobelo.com / фото: Инстаграм