4 најголеми грешки кои ги правиме на интервју за работа

Разговорите за работа се многу стресни. Испитување за вашиот живот, работното искуство, доблести и мани, за многумина се оптоварување, особено кога за иста работа се пријавени стотина луѓе со иста квалификација.

За да се покажете во најдобро светло треба да се ослободите од потенцијалните пречки кои можат да ви наштетат. Затоа ви издвојуваме 4 главни грешки на разговорот за работа кои можат да ви наштетат.

Трема

Дали некогаш ви се случило јазикот да ви е побрз од мислите, па да кажете нешто што ќе влијае лошо?

Тремата и напнатоста во ситуации како што е разговорот за работа може да направи сешто.

За да ги избегнете несоодветните одговори, или пак оние што би можеле да ја доведат работата во прашање искористете ги роднините и пријателите, повежбајте комуникација како и основните прашања за себе и за своите способности.

На тој начин ќе се чувствувате подготвени и посигурни и со самото тоа и тремата на првиот разговор ќе биде помала.

Фокусирање само на својот интерес

Најлошо што можете да направите на разговор за работа е да ги испрашувате претставниците на компанијата за сите бенефиции кои би ги имале во случај да ја добиете работата.

Прашањата за висина на платата, слободните денови, или користење на службен автомобил за сега оставете ги зад себе, бидејќи на тој начин можете да создадете лоша слика за себе како соработник.

Ако сакате да успеете на интервјуто подобро проучете сè за компанијата и работата за која се пријавувате, а личните интереси оставете ги на страна, за почеток.

Несоодветна облека

Психолозите истакнуваат дека првиот впечаток на разговорот за работа е можеби и најважен, а облеката во која ќе се појавите на врататa од компанијата многу зборува за вас.

Колку и да ви се чини дека компанијата на потенцијалниот работодавач делува лежерно и опуштено, ваша задача е да се облечете најдобро што можете.

Тоа значи во предвид доаѓа само службена облека како костум, здолниште и кошула. Избегнувајте деколте, спортска или предизвикувачка облека бидејќи може да даде погрешна слика за вас.

Невистини во CV-то

Ако ви се чини дека вашето CV е сиромашно и дека му е потребна по некоја корекција, како дополнителен факултет, странски јазик или некоја година работно искуство повеќе, внимавајте и застанете на време.

И најситната лага може да се провери било по телефон или преку познанства, било со потпрашања, а вие ќе се „закопате“ се подлабоко во своите лаги.

Немојте да ризикувате, туку наместо да смислувате лаги времето користете го за вежбање на својот настап за најдобро да ги презентирате сите свои квалитети.

фото: pexels.com