Врвна архитектура на плоштадот во Тирана: Се гради кула во обликот на ликот на Скендер бег, висока 85 метри

На плоштадот во Тирана, ќе никне 85 метри висока кула во ликот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти, попознат како Скендер бег. Кулата ќе има комерцијален и резиденцијален простор, а со собирање на дождовната вода ќе се направи зградата да биде енергетски ефикасна.

Во центарот на Тирана, во непосредна близина на плоштадот „Скендер бег“ започна да се гради зградата во форма на ликот на националниот херој на земјата. Зад архитектонскиот план на необичната кула стои холандското архитектонско студиото MVRDV.

Основата на зградата воедно ќе биде најширокиот дел од објектот, додека обликот на главата ќе биде изведен со помош на брановидни и неправилни облици на балкони, а погледот на бистата ќе биде насочен кон плоштадот.

Во внатрешноста зградата ќе содржи еден кат со комерцијален простор, четири ката наменети за канцеларии, а другите 20 ката ќе бидат наменети за станови.

Притоа, од архитектонското студио нагласуваат дека на секој индивидуален стан ќе се посвети особено внимание за да се обезбеди максимална функционалност на просторот и покрај неправилната форма на зградата.

„Денес, сите градови наликуваат еден на друг – секогаш ги охрабрувам да бираат различни решенија што ќе придонесат за нивниот индивидуален карактер и ќе го нагласат.

За мене зградата Скендер Беј е можност да се направи тоа. Дава ново значење на постоечките елементи во албанската архитектура“ – вели Вини Маас, еден од водечките архитекти и основач на студиото MVRDV.

Заоблените балкони на зградата што воедно го креираат и ликот на Скендер бег, ќе бидат одделени со вградени површини за садници.

Зградата треба да биде енергетски ефикасна и во целост да ја искористи топлата клима во Тирана. Во зградата ќе биде вграден систем за зачувување на дождовна вода, како и системи за разладување, со цел да се намали потрошувачката на енергенси.

Засега не се знае кога точно ќе биде завршен проектот, што е започнат уште во 2018-та година, кога две стари двокатни згради во близина на Хотел Тирана беа целосно срушени за да се направи место за изградбата на 85 метри високата кула во ликот на Скендер бег.

Инаку, студиото MVRDV е познато по смелите и необични дизајни на градби.