5 трик прашања кои ќе ги добиете на интервју за работа и што навистина значат

Општо познат факт е дека интервјуата за работа не се лесни, а ќе беа уште потешки ако работодавците ги претворија во едноставно полициско испрашување. Токму затоа одделот на човечки ресурси создал прашалници кои имаат за цел да откријат дали кандидатот го има она што им треба, а кои изгледаат како обичен разговор.

Иако различни компании бараат различни вештини, секогаш постојат неколку исти прашања кои се појавуваат во сите интервјуа. Но, што работодавците навистина сакаат да дознаат кога ги прашуваат ваквите прашања?

Еве како да откриете:

1. „Кажи ми нешто повеќе за себе…“

Тие веќе го прочитале вашето CV па затоа нема потреба да ги повторувате истите работи. Наместо тоа, гледајте го ова прашање како можност за потенцирање на CV-то која може да ви даде предност. 

Некои луѓе прават голема грешка кога зборуваат премногу лично за ова прашање. Иако е добра идеја да бидете свои и да ги нагласите вашите најдобри квалитети, сепак немојте да претерувате на искуства и хобија кои се неважни за вашиот потенцијален иден работодавец.

Затоа што ова е едно од првите прашања кои можат да ве прашаат, најдобро ќе биде да го сумирате вашето искуство и да го комбинирате со неколку кратки анегдоти кои го опишуваат вашето професионално однесување.


2. „Каде се гледаш за 5 години?“

Преку ова прашање тие сакаат да дознаат дали имате намера да останете во компанијата и дали имате идеја што сакате да постигнете во животот. Што и да правите, не велите дека не знаете, затоа што токму тоа незнаење може да ви наштети, и тоа многу. Дури и да не знаете, објаснете дека се трудите да сте отворени кон сите можности.

Уште една добра идеја е да се фокусирате на професионалните цели, а не на личните. Има смисла да се гледате како важни за компанијата на менаџерска или надзорна позиција. Кажете им дека не се плашите од напредок и обврски.


3. „Што знаете за оваа фирма?“

Ова е моментот во кој ќе покажете дека сте ја направиле домашната работа. Секако дека тие не сакаат да чујат дека сте успеале да меморирате сѐ што било напишано на нивниот сајт, туку сакаат да чујат дека сте биле проактивни и сте посветиле време на истражување.

Ако станува збор за продавница, посетете ја и препознајте ги нејзините најдобри карактеристики. Гледате можност за подобрување? Фаќајте белешки и спомнете ги во текот на интервјуто. Ако е компанија за разговор со оператор, зошто не им се јавите и не видите како ќе ви возвратат.

Следете ги на социјалните медиуми и видете како се изразуваат. Редовно читајте го нивниот сајт и следете ги новостите. Потрудете се повеќе – ова е вашата шанса за тоа.


4. „Зошто сакате да работите за нас?“

Повеќето луѓе ќе опишат колку многу ја сакаат фирмата и чувствуваат дека нивните способности се одличен избор за позицијата за која аплицираат. Но, ова прашање кое е поврзано со претходното, ви дава шанса да докажете дека знаете во што се впуштате.

Добро прочитајте го описот на работата и препознајте што е она што ве привлекува и ве тера да се пријавите баш за таа компанија. Дали бизнисот има добра етика и сет на вредности во кои се пронаоѓате? Дали знаете луѓе што работат таму и тие сметаат дека компанијата е супер? Ако е тоа така, кажете им го тоа на идните потенцијални работодавци.

Избегнувајте фокусирање на платата или бенефициите бидејќи така ќе личите на личност која не е лојален работник и само чека подобра понуда.


5. „Кои се вашите слабости?“

Иако модерните компании повеќе не го вклучуваат ова прашање, сигурно ќе се најде некој кој може да го постави. Избегнете го искушението да им кажете дека сте преголем перфекционист бидејќи така ќе изгледате вештачки. Наместо тоа, сфатете дека тие само сакаат да ја проверат вашата способност за себекритикување и способност за созревање.

Одберете вистинска маана која ја имате, но која нема да ве засени и да ви ја упропасти можноста да ја добиете работата. Одговорот надополнете го со објаснување што правите за да ја надминете и за да се подобрите себеси. Малиот елемент на созревање ќе му даде длабочина на одговорот и плус ова тешко прашање ќе го претвори во лесно.