Како да одговорите на прашањето: „Кажи ни нешто повеќе за себе“ на интервју за работа?

Интервјуата за вработување знаат да бидат стресни и непријатни.

Некогаш излегувате среќни и задоволни по интервјуто, а некогаш единствено што сакате е побрзо да избегате од местото на злосторот, да дојдете дома и добро да се исплачете под ќебето.

Постојат многу трик-прашања кои може да ви ги постави потенцијалниот работодавач, а едно од нив е навидум едноставно и безопасно прашање, кое зборува многу за вас како потенцијален кандидат.

„Кажи ни нешто повеќе за себе?“ е прашањето кое е подеднакво голема стапица, како и она кое се однесува на месечната плата или дали сметате дека викендот е потценет или преценет, кога станува збор за слободното време.

Ова е почетокот на вашето интервју и ги поставува работите за тоа како разговорот ќе се одвива понатаму.

Доколку оставите прв солиден впечаток, и вие самите ќе се опуштите и многу полесно ќе го преживеете остатокот од интервјуто.

„Кажи ни нешто повеќе за себе?“ не претставува покана за да го изрецитирате целиот ваш живот, од пелени до сегашниот миг.

Работодавачот не очекува да му го прераскажете вашето CV, тој веќе го има пред него.

Експертите од областа на човечките ресурси советуваат дека при ова прашање, најпаметен одговор е да го убедите работодавачот зошто вие сте најдобрата личност за конкретната работа.

Формулата е едноставна и ја следи линијата: Сегашност – Минато – Иднина.

Прво започнувате со сегашноста – каде работите или со што се занимавате во моментот.

Потоа преминувате на минатото, вашето образование, претходното работно искуство, како и квалификациите и вештините со кои сте се здобиле.

На крајот, едноставно завршувате со кус план за иднината, што вие очекувате од оваа конкретна можност и работа.

Целото излагање не треба да содржи повеќе од 5 реченици.

На пример: „Во моментов работам во сметководствено биро, каде што сум одговорна за над 10 компании.

Пред тоа работев во помала фирма, но искуството беше драгоцено поради побавниот ритам на работата и темелното проучување на основите на сметководството.

Сметам дека ова претставува одлична можност за уште поголем напредок, бидејќи чувствувам дека сум подготвена за поголем предизвик“.

Сконцентрирајте се на вашите вештини и способности и набројте неколку, но не претерувајте.

Опуштете се, бидете ведри и насмеани и слободно споделете некоја анегдота, доколку сметате дека имате добра смисла за хумор.

Тоа дефинитивно ќе остави силен впечаток и ќе ве одвои од останатите кандидати.

И секако, не заборавајте на почетокот да се претставите, доколку работодавачот не го стори тоа наместо вас.