Што треба да напишете во отказното писмо, а од што треба да се воздржите?

Ако ја напуштате компанијата, обидете се тоа да го направите мирно, без да ја „трескате“ вратата зад себе, доколку сакате да останете во коректни односи со шефовите и колегите.

Во моментот кога го врачувате отказното писмо, треба да сте свесни дека тоа е почетокот на вашето збогување со компанијата. Исто така, од тој момент, немате многу простор за предомислување.

Прочитајте како правилно да го направите тоа:

Направете го тоа писмено

Отказното писмо е повеќе потребно на компанијата, за да можат да го архивираат со вашето досие. Тоа го правите за да имате пишан доказ дека навистина заминувате, без простор за преговори за останување.

Доколку заминувате во друга компанија, назначете дека „дојде време за нови шанси и можности за напредок“, без да навлегувате во детали.

Задолжително наведете го вашето име, како и работната позиција на која работевте.

Информирајте се за политиката на фирмата и за времетраењето на отказниот рок, па врз основа на тоа составете го писмото.

Не елаборирајте премногу

Вашето писмо (мејл) треба да биде кратко, прецизно, без да елаборирате премногу за добрите и лошите искуства, мотивите кои ве натерале да побарате нова работа и причината која била клучна за да се решите на заминување.

Писмото (мејлот) испратете го и до претпоставениот и до одделот за човечки ресурси.

Имајте на ум дека овој допис е формалност, но и во исто време е физички доказ при евентуален судски спор.

Дополнителни совети

Критиките и образложенијата оставете ги за излезното интервју. Препорачливо е, но не и задолжително, да оставите контакти за ако некој сака да ве контактира, како и краток опис на тоа што ќе го работите.

Крајниот чекор е испраќање краток мејл со поздрав до сите колеги со кои работевте изминатите години. Во него соопштете ја својата одлука, по желба оставете контакт, бидете срдечни и заблагодарете се на соработката.

Најважно од сè е, дури и кога броите денови до заминување, да ја задржите својата професионалност. Токму таа може во иднина да ви донесе втора шанса кај истиот работодавец.

Извор