Блог

Сигурно многупати сте се нашле во ситуација и момент од животот кога се чувствувате како да не правите ништо корисно. Денот ви е исполнет со навики кои не ви носат ништо добро и само го губите времето. Или пак, се трудите да завршите некои работи и да постигнете некакви цели, но безуспешно.  Ова се 4 совети од професионалците за тоа како да бидете попродуктивни секојдневно. 1. Планирајте Сѐ што ви треба е секое попладне да одвојувате по 5-10 минути, пред да ги завршите дневните обврски и да зацртате една нова цел која ќе ја исполните утре. Некогаш, најтешкото нешто е да одлучите на што да работите прво и што да завршите прво. Ако оваа одлука ја правите наутро, може да се одолговлечи и блокира процесот, а тоа не е добар начин за започнување на денот. Затоа претходната вечер, испланирајте си ги најпродуктивните часови за следното утро, за да не губите следниот ден време и да не се прашувате од каде да почнете. 2. Имајте утринска рутина Да се има утринска рутина е најдобрата работа според многу професионалци. Со утринската рутина секојдневно ќе знаете дека уште на почетокот на утрото сте завршиле неколку работи како што треба. Па така, без разлика што ќе ви донесе остатокот од денот, ќе знаете дека барем сте ја постигнале утринската цел (без разлика дали тоа ќе биде нешто поврзано со вашето здравје или ќе биде на професионален план). 3. Поделете ја работата во сесии Една од најголемите грешки што луѓето ја прават е тоа што се фокусираат целосно на следната задача и си веетуваат дека нема да се поместат или да направат пауза додека не ја завршат. Но, наместо да настапувате со тој став, поделете ја работата и испланирајте си од почеток периоди за пауза и за работа. На тој начин, ќе го избегнете деконцентрирањето и ќе имате поголем успех и прогрес во задачите, проектите на кои работите или било што друго што правите. 4. Позитивен став Ако навистина сакате да завршите повеќе работи, немојте да се фокусирате на тоа што не можете да го направите, туку посветете се на сѐ она што ви „оди од рака“. Така, не само што ќе бидете посреќни, туку и вашата продуктивност ќе се зголеми. Кога имате позитивен став, и ги препознавате сите работи на кои треба да сте благодарни, ќе бидете способни да се фокусирате на многуте работи кои сте ги постигнале, наместо на работите кои не сте успеале да ги постигнете. А, поради тоа, ќе можете и понатаму да целите кон завршување и достигнување на што повеќе задачи и цели.
Постојат два типа на лидери: Прво, оние кои го градат својот тим под себе. Тие се капетани. Кога тие се тука, тимот се движи во одлична насока, а кога не се, тогаш тимот се губи и не знае да се снајде. Тие сѐ уште се добри лидери, но успехот на тимот е целосно зависен од инволвираноста на лидерот. Другиот тип на лидери, се оние кои ја градат организацијата во насока на стекнување и поседување многу вештини, навики, дисциплини и најдобри пракси. Тој лидер е инволвиран  во работата со тимот и сите знаат дека тој е главен, но успехот на тимот не се должи само на него – бидејќи овој лидер создал нешто сосема поразлична. Тој создал култура, а не хиерархија. Добрите менаџери и лидери се креатори на култура. Тие не се заинтересирани за тоа да бидат видени како главни на висока позиција, туку се фокусирани на создавање средина која овозможува напредување, презема одговорност и постојатно расте. Па, како тие успеваат да го постигнат тоа и кои се работите за кои тие се грижат за да го постигнат својот успех? 1. Рутина Исто како и ефективните луѓе што имаат рутини, така и во ефективните канцеларии постојат рутини. На пример, секој понеделник има состанок за планирање на целата седмица и секој петок има состанок за дискутирање и анализа на резултатите постигнати во таа седмица. Што и да е вашата рутина, сѐ додека е прифатена од заедницата и се сфаќа одговорно и сериозно, ќе биде ефективна. Целта на рутината е да го елиминира прашањето: „Што ќе правиме?“. Откако ова ќе се реши, целиот тим може да се фокусира на важните задачи. 2. Одговорност Ако тимот се состои од членови кои само покажуваат со прст на други и ја префрлаат вината, никој нема да научи ништо и никој нема да се развива професионално. А, ова почнува од врвот – ако лидерот и менаџерот не знаат да преземат одговорност, тогаш никој нема да го прави тоа. Ова мора да биде дел од културата на организацијата, а добрите лидери го знаат ова. Целта е да се покаже, а не да се зборува, а тоа се учи така што надредените први ќе преземат одговорност за себеси. 3. Слушање Кога се работи во тим, клучен момент е слушањето. Добрите лидери и менаџери не им наредуваат само на луѓето што да прават, туку и ги слушаат што имаат тие да кажат. А, на тој начин ги учат и останатите да го прават тоа. 4. Доверба Не постои ништо полошо од тоа да се работи во атмосфера, во која луѓето ќе зборуваат едни за други позади грб. За да се постигне ефективност во тимот, луѓето мора да си веруваат еден со друг. Добрите шефови го поставуваат овој стандард уште на самиот почеток, бидејќи никој не може да работи како што треба во средина каде што се чувствува емоционално несигурно. 5. Позитивен фидбек Добрите менаџери и лидери знаат точно како да добијат позитивен фидбек, да го притиснат тимот, да бидат строги, и знаат до каде можат да одат со тоа тестирање без да ве „скршат“ и да постигнат спротивен ефект. А, тоа е клучно за да се добие најдоброто од луѓето. Добар шеф е како добар тренер. Има денови кога членовите на тимот ќе бидат фрустрирани, емоционални и ќе мислат дека добиваат многу строг третма, без причина. Но, на крај, ќе ја научат лекцијата на која лидерите сакале да ги научат. А, ако го сфатат тоа како што треба, потоа ќе го ценат многу. 6. Семејство Некогаш поминувате повеќе време со колегите од работа, отколку со семејството. Добрите шефови не го злоупотребуваат тоа – тие се обидуваат да направат тоа инвестирано време да биде вредно. Тие го гледаат тимот како семејство и така и го третираат. Тие креираат култура во организацијата каде луѓето сакаат да се гледаат едни со други. Тоа не треба да биде само канцеларија, туку работна околина исполнета со луѓе со кои сакате да работите.
Ако сакате другите да ви веруваат, прво треба вие да си верувате и да се вреднувате себеси. Зборовите кои ги бирате ќе ви помогнат да покажете самодоверба – или ќе направат да покажете слабост. Никогаш не ја потценувајте моќта на зборовите. Постојат неколку фрази, кои доколку многу често и без причина ги употребувате, особено во работна околина, време е да ги заборавите. Ќе забележите промена во тоа како луѓето ве доживуваат, а и ќе се чувствувате посамоуверено и подобро. 1. „Не сакам да ви пречам, но...“ Не е дека не сакате да му пречите на некого, кога нешто е важно и не може да чека. Тоа што не сакате е непријатното чувство додека да го изговорите тоа што ви треба и одговорот кој ќе го добиете. Оваа фраза ја става другата личност во целосна контрола и ви ја одзема вас моќта. Затоа следен пат немојте да се обраќате со толку страв и непријатност во вас. Наместо тоа, ако не сте сигурни дали е добар момент, едноставно кажете нешто како на пример: „Кога ќе имате минутка, сакам да разговарам нешто со вас“. 2. „Се извинувам“ Силните и самоуверени луѓе признаваат кога не се во право или кога извинувањето е неизбежно. Слабите луѓе го користат зборот „извини“ секојпат кога ќе се почувствуваат инфериорно. Избројте колку пати го изговоривте зборот во текот на денот. Дали навистина ви е жал и се извинувате? Дали направивте нешто погрешно? Во повеќето ситуации, не сте направиле нешто толку лошо, затоа следниот пат пред да ги искористите тие зборови, размислете дали се неопходни. 3. „Загрижен/а сум“ Оние кои не се самоуверени ги користат овие зборови само затоа што се грижат премногу. Искажувањето на загриженост демонстрира страв од негативен исход и изгледате како претерано да размислувате на непотребни работи. Покажувате дека не барате решение, туку се фокусирате само на проблемот и грижите. Размислете добро пред да кажувате за сѐ и сешто дека сте загрижени, бидејќи тоа преминува во навика. Чувајте ги грижите за вистински проблеми во животот, или уште подобро воопшто не се грижете – тоа само носи негативни фантазии кои може воопшто да не се случат. 4. „Ќе го направам тоа“ Кога прифаќате секакви задачи кои се и не се во ваша одговорност, тоа покажува дека не се цените доволно вие самите, како и вашето време. Бидете тимски играч, но не мора да трчате за секоја ситница што ќе излезе и да мора вие да ја завршите веднаш. 5. „Само...“ Секојпат кога ќе го искористите ова зборче, ќе се намалува значењето на она што го мислите или сакате да го кажете. „Јас само мислев дека...“; „Ова е само идеа, но не мора...“; „Само сакав да...“ Ако имате идеја, сугестија, или сметате дека има некој проблем, тогаш изјаснете се со доверба во тоа што го кажувате, наместо да се деградирате себеси. 6. „Ако не е проблем, ќе може ли...“ Чекањето дозвола за да побарате нешто од некого, веднаш ја намалува важноста на што и да барате. Исто така, ја зголемува можноста тие да кажат: „Да проблем е“ или „Не може“... Бидете авторитетни кога барате разумна услуга, дури и ако зборувате со некој надреден. Секако, не треба да бидете дрски, но немојте да го кажувате тоа со тивок и исплашен глас како да очекувате дека ќе ве одбијат. Преминете веднаш на главното и кажете: „Кога ќе имаш време, те молам...“ 7. „Јас мислам/чувствувам дека...“ Овие зборови на почеток на реченицата го дополнуваат или го имаат истото значење како зборчето „само“ и повторно, ја намалуваат вредноста на она што имате да го изјавите. Едноставно, изоставите ги ваквите зборови и кажувајте ги директно работите што ги имате на ум. Забележете ја разликата помеѓу овие два примера: „Јас само мислам дека ова е голем проблем што треба да го разгледаме...“ „Ова е голем проблем и треба заедно да го разгледаме.“
Нешто што може да го олесни процесот на барање работа е да знаете што е нормално и треба да се прифати, иако ве нервира, а што не е нормално и не треба воопшто ни да размислувате за тоа. Иако, чекорите може да бидат различни во зависност од организацијата, сепак постојат некои заеднички и фрустрирачки искуства кои ќе ги доживеете на повеќе места каде што ќе аплицирате. Важно е да ја знаете разликата помеѓу тие кои се фрустрирачки и нормални и оние на кои треба да им ставате „црвени знамиња“ – што значат дека не треба да ја прифатите работата. Фрустрирачко, но нормално: Нејасни описи за работното место Кога аплицирате и барате работа онлајн, ќе наидете на многу „празни“ огласи со нејасни описи, и иако тоа нервира, сепак ќе го гледате уште долго. Многупати, огласите ги пишуваат од човечки ресурси или некој друг од компанијата кој нема да биде директно задолжен за личноста која ќе ја добие улогата. Затоа некогаш работата не е претставена добро и на краткиот опис може да пишува само: „и други секојдневни задачи...“ - што не ви открива ништо. Затоа запомнете дека ќе треба сами да „копате“ на интервјуто и да дознавате што повеќе информации за тоа како изгледа типична работна недела во компанијата. Не е нормално: Да нема никаков опис за работата Доколку работодавачот не споделил никаква информација за работата, тогаш тоа гледајте го како да има црвено знаменце.  Ова може да значи дека тие немаат идеа која ќе биде улогата на нововработениот, или пак задачите и обврските не се воопшто привлечни, па мислат дека нема никој да аплицира ако ги знае деталите. Фрустрирачко, но нормално: Чекање на одговор и фидбек За жал, сосема е нормално да не добиете никаков повратен одговор неколку недели, или да добиете генерички меил што го испраќаат на сите што ќе аплицираат. Вработените во компаниите, менаџерите и работодавачите имаат секојдневно и друга работа, па не се во можност секојдневно да разгледуваат апликации и да одговараат на кандидатите. Не е нормално: Да се чувствувате како само вие да ги правите сите чекори Да, во ред е да бидете проактивни и да испратите меил ако предолго чекате. Но, не треба да се чувствувате како само вие да сте заинтересирани за процесот и да не добивате ништо за возврат од компанијата. Ако ви кажале дека кандидатите ќе бидат контактирани за интервју до одреден ден, а тој ден поминал одамна, во ред е да ги контактирате и да прашате, а потоа процесот продолжува – тоа укажува на 2 работи: Или компанијата е многу неорганизирана, или вие не сте најдобриот избор. Фрустрирачко, но нормално: Да ве прашаат прерано за вашите очекувања за платата Работодавачите имаат одговорност да се осигураат дека вашите очекувања за платата, ќе се поклопуваат со нивните стандарди и буџетот определен за таа позиција која што е отворена. Затоа, бидете подготвени да одговорите на тоа прашање. Не е нормално: Да ви кажат дека мора да кажете сума за да продолжите со процесот Ставете огромно црвено знаме на понудата, ако работодавачот ја користи платата како единствен механизам. Не е стандардно за нив да зборуваат само за плата и да одбиваат да продолжат со интервјуто додека кандидатот не каже одредена сума која што ја очекува. Фрустрирачко, но нормално: Повеќе интервјуа Кога ќе стигнете конечно до фазата на интервју, доколку се работи за голема организација, нормално е да имате повеќе интервјуа со различни луѓе од повеќе департмани или нивоа во компанијата. Ова освен што ќе ѝ биде од корист на компанијата да дознае подобро дали сте правилен избор, ќе ви помогне и на вас да видите различни перспективи за работата. Не е нормално: Да го имате истото интервју повеќепати Ако компанијата ве повикува повторно и повторно, тие треба да имаат конкретна цел и причина за секое интервју (на пример да сакаат да разговарате и да се претставите пред некој друг). Но, ако ве викаат повеќепати за да се состанувате со истите луѓе и да одговарате на истите прашања, тоа може да значи дека компанијата не може да се одлучи и не го цени вашето време. Фрустрирачко, но нормално: Да не добиете понуда на крајот на интервјуто Понудата обично се добива на последното интервју. Ова може да потрае и 1 недела или малку повеќе за внатрешни одобрувања, па затоа немојте да паничите уште кога ќе поминат првите неколку дена. Не е нормално: Да чекате со недели после финалното интервју за да добиете понуда Има неколку работи што кандидатите мислат дека треба да ги прифатат во оваа фаза од процесот, но всушност не треба да се прифатат. Прво, понудата не треба да се чека неколку недели по последното интервју. Ова значи дека компанијата има висока бирократија и има многубројни одобрувања кои се потребни пред понудата да биде формирана. Или пак, се недоволно професионални и организирани, штом им треба толку многу време за да се одлучат. Доколку сакате работа со динамична атмосфета и околина во која што се работи со брзо темпо, тогаш размислете двапати пред да прифатите ваков тип на понуда. Фрустрирачко, но нормално: Преговарање Да, во идеални услови, компанијата ќе понуди одлична плата што вие веднаш ќе ја прифатите. Но, многу често, работодавачите почнуваат со пониски суми. Тоа е сосема нормално, со оглед на тоа што очекуваат дека вие ќе преговарате и ќе барате повисока плата, па затоа мора да почнат со помали цифри. Не е нормално: Да ве заплашуваат со ниска плата Не е нормално компанијата целосно да одбие преговарање. Иако многу компании имаат голем буџет и големи плати, сепак постои простор за разговарање околу деталите. Ако ставот на компанијата е: „Бидете среќни со оваа работа и плата, ако не сакате да ја прифатите, има многу други кои ќе ја прифатат“ – тогаш тоа е лош знак! Добро е да знаете што да очекувате во повеќето ситуации, но сепак, најдобро е да се слушате себеси кога мислите дека нешто не е како што треба. Многупати ни се случува на сите, да ги избегнуваме знаците за предупредување, бидејќи толку многу сакаме да почнеме со нова работа и бараме добро во лошото. Но, таквиот став носи до лоши одлуки и на крај може да завршите со работа која ве прави несреќни. А, сте работеле многу напорно за да дозволите тоа да се случи...
Огласите за работа постојат многу долго време, но скоро сите компании ги користат истите досадни огласи со еднолични описи за работното место. Како да ги направите огласите подобри и поинтересни? Првиот чекор е да разберете што бараат кандидатите. Однесувањето на кандидатите е клучно за пишување на одлични описи за работата, што ќе ги привлече талентите кои вашата компанија ги бара. Според истражувања, кандидатите најчесто ги бараат овие три работи: Тие сакаат да знаат како сте вие поразлични од сите други – ова значи дека треба да напишете опис за работното место, по што ќе се издвоите од вашата конкуренција Тие ја сакаат вистината – не лажниот изглед и бренд кој им го „продавате“ Тие сакаат да се чувствуваат посебно – големите таленти мразат да се чувствуваат како да се исти со останатите, затоа ќе треба во процесот да ги третирате сите како да се уникатни и посебни Звучи лесно, нели? Но, не е воопшто. Многу е тешко да се објават огласи со одлични описи за работата, имајќи ги во предвид претходните 3 работи, но еве неколку совети кои ќе ви помогнат барем малку во тоа: Искористете ги вашите вработени и нивните искрени коментари, за во описот вистински да им пренесете на кандидатите што всушност работата им носи и како таа изгледа. Во некои ситуации, во одредени организации, дури може и самите вработени во кратко видео да кажат како изгледа тоа што го прават секојдневно. Разговарајте со менаџерите и видете што тие сакаат да видат од кандидатите и што навистина бараат за таа позиција која што е отворена. Можете на пример да ги цитирате во самиот оглас и да ги нагласите најважните аспекти за директно да им ја пренесете пораката на кандидатите. Најголемата фрустрација за кандидатите е недостатокот на фидбек од вработените, севкупно. Што треба да направите?Ставете го вашиот службен мобилен број во огласот - така ќе покажете дека навистина се грижите, дека сте отворени за прашања и дека оние кои ќе аплицираат имаат каде да се обратат за новости. Или барем, ставете телефон од компанијата за кој сте сигурни дека кандидатите ќе можат успешно да контактираат со некој одговорен, доколку заѕвонат на истиот.   Никаде не постои правило дека огласите за работа треба да бидат кратки, празни и досадни! Слободно можете да ја искористите кративноста при опишување на работата, компанијата, позицијата, посебно ако тоа одговара на типот на компанијата. Кандидатите регираат на организации кои не се плашат да ја покажат својата култура на работа и кои се трудат навистина на интересен начин да допрат до одлични таленти. Пишувањето огласи за работа отсекогаш важело за досадна работа и ретко кој сака да ги пишува, но тоа не треба да биде така. Не постои ниту правило дека треба да содржат само текст. Најдете го најкреативниот вработен или можеби и практикант во компанијата, на кој имагинацијата му е на високо ниво, кој покрај тоа, секако, поседува и одлични способности за пишување и дозволете им да си ја завршат работата како што треба. Имајте на ум дека огласите, покрај тоа што се функционални од легален аспект, може да послужат и како добар маркетинг.
Голем број од работодавачите имаат потреба од вработени, кои ќе бидат амбициозни и самомотивирани, ќе си ги знаат своите обврски и ќе нема потреба некој постојано да ги надгледува и да ги тера да работат нешто. Но, многу е тешко да се најдат такв, бидејќи никој не може да знае однапред какви личности се кандидатите кои ќе аплицираат за отворената позиција. Најдобрите решенија ќе се сведат на барање вработени и проверка на кандидатите. Барање вработени Најтешкиот чекор е да се најдат вработени и затоа треба да имате многу добар начин и пристап. Една од работите што можете да ги направите е да пишувате подобри огласи. За почеток, направете истражување за тоа што сакаат луѓето кои ви требаат за работата. Читајте коментари за други компании кои вработуваат на истата работа, посетете онлајн форуми на таа тема и забележувајте кои се критиките. А оттаму, може да извлечете точни инструкции. Потоа, разговарајте со вашите моментални вработени и прашајте ги што најмногу сакаат во работата и искористете го тоа. Ставете ги сите тие работи во огласот и лимитирајте ги барањата само на оние кои се неопходни. Така, ќе ги привлечете полесно потребните кандидати кои ќе бидат заинтересирани за сето тоа што го нудите. Проверка на кандидати Ова е делот каде што ќе се обидете да дознаете колку се самомотивирани кандидатите. Ова можете да го проверите во претходните работни искуства кои ги имале тие. На пример, дали работеле некаде каде што очекувањата се големи, а надзорот е минимален? За да се биде успешен во таква работа, мора да се биде самомотивиран. И тука е вашиот одговор. За понатамошно тестирање, може да им испратите е-маил на сите кандидати кои аплицирале, со неколку прашања за работата, кои ќе треба да ви ги одговорат. Овие прашања ќе ги натераат да размислуваат, а на вас нема да ви одземат повеќе од 20-тина минути. Оние кандидати со ниска самомотивација, нема ни да се потрудат да ви ги одговорат прашањата, за разлика од тие кои се мотивирани и ќе потрошат време да завршат добра работа и да ви одговорат на прашањата, покажувајќи се во одлично светло. Тие кои нема воопшто да ви одговорат на прашањата, веднаш ќе ги отфрлите и нема да го губите времето со нив. Останатите кои се потрудиле, без разлика на нивниот одговор, заслужуваат да бидат повикани на интервју. Во меилот, можете да им поставите прашања како на пример, како се справуваат со секојдневни работни задачи, или да ви напишат за некое искуство каде што требало да работат работа со мал надзор, а големи очекувања, или пак некои други прашања кои сметате дека се релевантни за работата, а сепак ќе бидат едноставни за да се одговорат по меил и ќе ви ги дадат потребните одговори. Ако сте напишале добар оглас, ќе ги привлечете најдобрите кандидати кои ќе бидат возбудени за работата и нема да ја испуштат шансата да ја добијат истата, само затоа што сте им поставиле неколку прашања по е-маил.
Доколку сакате некоја работа, а не сте квалификувани за истата, не треба веднаш да го прескокнете тој оглас. Постојат ситуации кои се исклучок и во кои иако не ги поседувате сите потребни квалификации, сепак има начин за и вие да си ја пробате среќата. Секако, ова не важи за сите случаи. Работодавачите и менаџерите кои вработуваат, пишуваат огласи за работа кои ги привлекуваат луѓето да аплицираат, а истовремено се вардат од оние кои не се квалификувани за интервју. Но, сигурно сте слушнале за кандидати кои ги исполнуваат сите квалификации, но сепак имало некој друг, кој „е подобар избор“ за позицијата. Тоа е така, бидејќи компанијата попрво би вработила некој со само 2 години искуство, но се покажал одлично на интервјуто, отколку некој со бараните 5 години искуство, но бил неуспешен на пример во комуникација, која е од клучно значење за позицијата. Па, што треба да правите во ситуација кога не ги исполнувате барањата? Како да разликувате кои се непреговарачки барања за кои нема отстапувања, за разлика од оние кои може да ги компензирате за други вештини и способности кои ги поседувате? Следете го следниот водич од 3 чекори: Чекор 1: Запрашајте се дали можете да ја работите работата Не дали ја сакате работата или колку многу ја посакувате. Тоа не е важно. Не е важно колку сте заинтересирани за работа поврзана со странски јазици, ако работата бара преведување документи, а вие ги знаете само основите на јазикот. Тогаш, со сигурност не сте квалификувани и не треба да аплицирате. Прочитајте го добро описот за отворената работна позиција и обидете се да добиете чувство за улогата која ќе ја имате секојдневно. Размислете кои од бараните квалификации што не ги поседувате, може да се заменат со нешто друго во кое сте искусни за да ги завршите секојдневните задачи и обврски кои ќе ги имате во таа улога. Чекор 2: Игнорирајте ги дополнителните барања Некои барања во огласот се набројани и додадени само затоа што звучат добро, но тоа не е причина да не аплицирате. Еден од начините со кои компаниите ги плашат кандидатите е со набројување на барања за нивниот „кандидат од соништата“. На приемр, бараат напредни компјутерски познавања за работна позиција на која не и е неопходно толку големо познавање од компјутери. Или, може да се научат со текот на работата. И на крај, секако дека и солидни, доволно квалификувани кандидати (како вас) добиваат интервјуа, а и работа, исто така. Па, ако видите дека во огласот има дополнителни вештини кои мислите дека не се од клучно значење за позицијата, тогаш тие сметајте ги како бонус. Чекор 3: Употребете ги магичните зборови Запамтете го овој совет добро - Никогаш не го започнувајте писмото со: „Знам дека недоволно го поседувам искуството кое го барате, но...“. Искористете ја предноста на основните вештини и способности кои се поопшти и може да се вклопат во повеќе улоги и индустрии, а сепак се клучни за поседување. Во овие вештини и способности спаѓаат: лидерство, мотивација, комуникација, управување со време, комуникација, истражување, аналитички способности итн... Само немојте да претерате со нивната употреба која не е релевантна. На пример, не објаснувајте како чувањето деца ве подготвило за работа во улога на асистент, затоа што претходно сте биле задолжени за планирање на нечие попладне. Фокусирајте се на тоа што го знаете од претходно искуство, но што навистина е релевантно и може да ви послужи за идната улога. За крај, во мотивационото писмо, фокусирајте се на вештините кои вие ги поседувате и претставете се како идеален кандидат со вашите способности кои се потребни за работната позиција, а не им посветувајте внимание на вештините кои не ги поседувате, а ги бараат.
  Сите различно го дефинираме успехот. И тоа треба така да биде, бидејќи успехот за секој значи нешто различно и секој се задоволува со различни работи. Но сепак, најуспешните луѓе истовремено делат некои заеднички карактеристики и ставови. Тие се соочуваат со ранливост, емоционални падови и успеси и со јавен и приватен неуспех. Тие сакаат да успеат по свои правила – и тие се подготвени да прифатат признание за нивниот постигнат успех. Ова се 7-те начини на кои ќе дознаете дали го имате во вас она што е потребно за како личност да бидете успешни во сѐ што ќе правите:   1. Уживате во вашиот и успехот на другите Талентот е очигледно важен, но способноста да се работи заеднички и да се остави егото пред врата, како и жртвување на свои потреби кога тоа е неопходно, е единствениот начин за успех на секој тим. Успешните луѓе секогаш се фокусираат на индивидуата наместо на позицијата, на тимот наместо на хиерархијата, и најважно од сѐ – се радуваат на среќата и достигнувањата на другите. 2. Не донесувате одлуки – креирате одлуки Повеќето луѓе ќе се одлучат за понудена А или Б опција/решение. Но оние луѓе кои се на добар пат до успехот, ќе ги прескокнат двете понудени опции и ќе создадат своја нова. Вистинските претприемачи откриваат што е најдобро од двете понудени, додаваат доколку е потребно нешто друго и прават тоа да се овозможи. И затоа тие луѓе го постигнуваат незамисливото – бидејќи за нив тој збор нема исто значење како што за сите останати има. 3. Вашиот внатрешен глас е посилен од било кој друг глас што го слушате Едни може да се двоумат.  Други ќе критикуваат. Трети ќе осудуваат и нема да одобруваат. Но, вас не ве интересира туѓото мислење. Зошто? Може да го почитувате мислењето на другите и да размислите за работите што ви ги кажуваат. Но, верувате во вашите идеи, вашите способности и вашата посветеност на нешто. Верувате во себеси! А, тоа прави да сакате да го живеете вашиот живот на ваш начин, а не како што ќе ви кажат. 4. Верувате дека начинот на кој „играте“ е поважен од тоа дали ќе победите или изгубите Ако сте на вистинскиот пат кон успехот, повеќе сакате да не успеете во нешто поради вашите одлуки, отколку да успеете по заслуга на некој друг. Повеќе сакате да ја достигнете сами вашата иднина, отколку истата да лежи во нечии други раце. Сметате дека е подобро да изгорите отколку да избледите. Секако, сакате да победите, но сакате и да ги промените правилата и да играте на ваш терен, игра каква што вие сакате да играте – бидејќи, победа во игра која сте присилени да ја играте, е исто како да сте изгубиле. 5. Не сакате да се стекнете со една вештина и да живеете рутина Некои луѓе работат за да стекнат вештина или да достигнат некоја позиција и потоа да се опуштат во удобноста на нивното знаење и способности за цел живот. И тоа не е толку лошо. Но, луѓето на патот кон успехот ја мразат удобноста која ја нуди достигнувањето на едно нешто. Тие го гледаат стекнувањето со една вештина како основа за стекнување уште повеќе вештини и способности. Тие ги гледаат достигнувањата како отскочна даска за повеќе други достигнувања. Никогаш не се задоволуваат со едно нешто. 6. Фан сте на други успешни луѓе Личниот успех најчесто доаѓа на сметка на некој друг. Ако добиете унапредување – некој друг нема да го добие, ако добиете можност за работа – некој друг нема да ја добие. Затоа е тешко да се радувате на успехот на останатите кога вие сте разочарани. Од друга страна, успешните луѓе, ги гледаат достигнувањата на другите како инспирација и мотивација за сопствената работа и труд да им се исплати понатаму. 7. Размислувате на начин: „Зошто не јас?“ Независно од трудот, успехот е тешко да се достигне и затоа сите ние понекогаш не успеваме во нешто. А, кога ќе ни се случи тоа, лесно е да се депримираме и да се прашуваме зошто другите добиваат можност и успеваат, а ние не. Накратко, лесно е да помислиме: „Зошто баш јас?“. Спротивно на ова, успешните луѓе се прашуваат: „А, зошто не јас?“. Затоа тие кои трагаат по успех, ќе посегнат по цел која можеби изгледа невозможна, како на пример работна позиција која ја сакаат, а не ги исполнуваат сите барани квалификации. Тие нема да се обесхрабрат, туку ќе си кажат: „Ако тој/таа може, зошто да не можам и јас?“.
Тоа што работодавачите или менаџерите го имаат како задача во процесот на вработување нови луѓе, е навистина тешко. Тие треба многу добро да проценуваат и да знаат кога кандидатот е навистина добар и има потенцијал. Секако, тоа зависи од професија до професија, и секаде се бара нешто различно што го прави кандидатот добар избор. Но, сепак, постојат неколку знаци кои доколку ви ги покаже, треба да знаете дека е навистина квалитетен и амбициозен кандидат, кој поседува потенцијал. 1. Знае што ви треба и тоа јасно ви го дава до знаење уште во апликацијата Ако кандидатот ја сака работата која ја нудите, тој ќе си земе време да ги истражи сите информации за вашата компанија и добро ќе го разгледа описот за работната позиција, вештините кои вие ги барате од нив за да ги извршуваат задачите со кои се занимава вашата органзација, со цел да ги исполни вашите очекувања, а тоа јасно ќе ви го покаже уште во својата апликација, CV и мотивационо писмо. 2. Ги признава своите слабости, но ги претвара во можности Еден од најсилните показатели за успех, е волјата да ги признаете своите слабости и да објасните како можете истите да ги претворите во можности. Кандидат кој поседува голем потенцијал, ќе биде способен да ви даде до знаење кои квалификации не ги поседува, но истовремено ќе ве увери дека независно на тоа, тој може квалитетно да ја заврши својата работа, притоа надоградувајќи се со нови вештини. 3. Знае да се издвои од останатите Овие кандидати знаат како да се издвојат од конкуренцијата и подготвени се да ги  „прекршат“ правилата за да ви го задржат вниманието со некоја поразлична приказна во апликацијата или со некоја презентација која не сте ја барале, но позитивно ќе ве изненади. Доколку навистина сакаат да остават добар впечаток, тие се трудат да бидат поразлични од останатите, со цел да ја добијат работата, давајќи ви до знаење дека и понатаму ќе се покажуваат во вистинско светло. 4. Ви остава јасен впечаток за тоа кој е и каков е Кога човек е искрен за тоа кој е и што е, а притоа неговите вештини и карактеристики одговараат на она што вие го очекувате, тогаш зборуваме за вистински талент. Кога кандидатот е отворен и искрен, тој уште од почеток ќе ви покаже каков е, за вие веднаш да знаете со каков човек имате работа и да не губите време доколку не сте заинтересирани. Но, секако, ваквите луѓе го очекуваат истото и од вас за возврат. 5. Автентичен е Не е лесна задача да се најде талентиран кандидат кој е оригинален и веродостоен, уште од самиот почеток. Всушност, како изгледа тоа и како треба да го препознаете? Можеби некој ќе има добра апликација и ќе ве воодушеви на прв поглед, но потоа ќе заклучите дека сепак не е тоа што го барате. За транспарентно да му пристапите на кандидатот, морате прво да бидете јасни со вашите очекувања и вашата дефиниција за автентичност.
Вашиот став, трудот и ефикасноста во првите неколку дена од праксата се од клучно значење за тоа како другите ќе ве гледаат и какво мислење ќе создадат за вас. Иако никој не очекува дека ќе направите некои големи промени за компанијата, сепак сите ќе ве набљудуваат и ќе ве оценуваат. Тоа не е ништо страшно и не треба да ве фаќа паника поради тоа, а еве и неколку начини како да се справите со сето тоа, но и да оставите добар прв впечаток и да бидете запамтени по добро. Не очекувајте премногу Нормално е да бидете возбудени за почетокот на нова пракса, но иако тоа е од голема важност за вас, обидете се да немате толку големи очекувања, посебно не на првиот ден. Првиот ден, може дури и името да не ви го запамтат, но освен тоа, не треба и да ве чуди тоа што можеби нема да имате ваше биро или компјутер, за почеток. Бидете добри во првата задача Кога ќе ви ја дадат првата задача, слушајте внимателно и обидете се да ја завршите како што треба. Најверојатно тоа што ќе ви го дадат за почеток не е нешто итно и важно, па затоа немојте да го избрзувате. Земете си време колку што ви е потребно и проверете дали сте го завршиле како што е правилно. Ако се покажете не толку добро и направите големи грешки уште при првата задача, најверојатно во следниот период нема да добивате добри и важни задачи. Покажете иницијатива Зависно од работодавачот и природата на работата, можеби ќе има моменти кога нема да има што да правите. Но, немојте да бидете пасивни и само да чекате да ви дадат задача. Гледајте што се случува и работи наоколу, па прашајте дали може да помогнете за нешто. Вработените не секогаш ќе имаат време да гледаат дали имате работа за да ви даваат инструкции кога ќе завршите, затоа самите барајте си можности и работа, покажувајќи иницијатива. Поставувајте прашања, но не претерувајте Кога ќе почнете како практикант, нормално е да поставувате многу прашања, а тоа е добро затоа што така учите колку што е можно повеќе. Но, после неколку дена, внимавајте да не продолжите со поставување на премногу едноставни прашања, кои претходно ви биле одговорени и веќе треба да ги знаете. „Шармирајте“ ги сите Кога ќе се приклучите на нова работна околина, треба да бидете отворени кон сите, да ги слушате добро сите што ќе ги запознаете, да дознаете за нивните интереси и секако за нивната работа. Дружете се со колегите и покажувајте интерес за нив како личности, но и на професионален план. Но, не претерувајте. Бидете позитивни и на културен начин освојте ги сите – така полесно ќе оставите добар впечаток. Учете колку што е можно повеќе Гледајте како работат останатите околу вас, какви обврски имаат сите, бидејќи понатаму можеби и вие ќе ги имате истите, па добро би било да бидете подготвени. Интересирајте се за што е можно повеќе работи, но во умерени граници. На пример, доколку има некој голем состанок со повеќето вработени за нешто што сметате дека не е „тајно“, а е добро да го слушнете, културно прашајте дали можете да присуствувате. Доколку прифатат, внимателно слушајте како се одвива состанокот и не зборувајте, освен доколку не ве прашаат нешто. Изгледајте зафатено – но не панично Растурено биро изгледа како да сте претрупани со работа, но и малку невкусно – во секој случај не е добро. Исто така, никогаш не брзајте низ канцеларија, дури и ако ви кажале да направите нешто брзо. Изгледа како да сте во паника. И секако, кога ќе дојде крајот на работно време, не мора во истата минута да истрчате и да си одите. Така привлекувате внимание и изгледате како да сте броеле минути до крајот на работата, а не дека сте работеле. Не одбивајте тим-билдинг Можеби нема да ви се допаѓаат сите колеги со кои ќе работите, но сепак бидете социјални и учествувајте во after work активностите, бидејќи на тој начин ќе ги зацврстите односите со тимот и понатаму ќе ви биде полесна работата кога ќе работите со некој кој подобро го знаете. Но, избегнувајте политички разговори, трачарење и други непријатни теми.