Откако дадов отказ, магично платите на колегите се покачија, а мене ми викаа: „Тоа е Македонија, што повеќе сакаш?“

Да се разбереме. Работиш за да заработиш. Работиш дополнително за викенд бидејќи платата не ти стасува. Бркаш таргети за бонуси. Сè, заради тоа што не си препознаен. И бум, оддеднаш даваш отказ и сите се чудат – „А зошто си одиш, па супер соработуваме, навремени сме со исплата, имаш флексибилно време. Тоа е Македонија, што повеќе да понудиме?” – Да, но мојата плата не соодветствува со она што го работам.

Потпишав договор каде што си пишува кои се моите работни задачи, а на тоа добив и дополнителна позиција која требаше да ја пополнам бидејќи немаше кој друг. Нормално, тоа треба да е на моја драга волја, мотивација за прогрес, но не и за пари.

И сега си одам.

Не сум тип на човек како моите колешки кои ќе раскажуваат и „кодошат” наоколку зошто си одат. Напротив, тивко си ги собрав работите и си заминав.

Кажав што имам таму каде што требаше.

Помина една недела и веќе добив порака од мојата колешка: „Ех најде кога да си одиш, денес ни ги покачија платите заради инфлацијата”.

Не велам дека не ми падна тешко, но си реков на себе – „Дали требаше да заминам за сите да добијат покачување?”

Новиот кандидат ќе побара сè што сака, а работодавецот ќе се согласи на сè – бидејќи местото кое го нуди е сè уште празно, а работата треба да оди напред.

Ќе се побара некој млад, без многу приватни обврски, па ќе може да работи и во слободно време. Македонче, да искористи колку може повеќе.

Па, од друга страна си мислам, дали мора да има инфлација за да се покачат платите? Зошто да се мери платата само по средината каде што се живее?

Зошто, едноставно, да не се даде поголема плата на секој еден, па работникот да има за да тргне на страна, а не да брои уште колку дена има до следна плата и што да НЕ купи за да остане некој денар до крај на месец.  

Зошто да се губат работници кога тие се срцето на компанијата? Без нив, бизнисот трпи.

Секако, загубата тешко се покрива, особено зошто на тоа место утре ќе дојде нов, неискусен за кој ќе изгубиш повеќе време да го обучиш, отколку стариот да го платиш.

На крајот од денот, јас си одам со крената глава и со многу искуство на грб. Моето име и работа ќе биде признаено на некое друго место и под други услови.

Лекцијата е научена. 

Извор: Crnobelo.com