7 работи кои младите во Македонија ги бараат од компаниите – со што може да се мотивираат вработените?

Сè повеќе сме сведоци на времиња кога младите се решени да напредуваат во своите кариери и да инвестираат во своите способности и вештини. Па, така моменталното најактуелно прашање на интервју за работа е – „А што нуди вашата компанија?” 

Иако од страна гледано ова е протолкувано како безобразно, дрско и самоуверено за млад човек кој штотуку излегол од факултет, сепак и не е така лошо прашање.

Што нудат некои компании за да ги инспирираат вработените?

Членарина за спортски активности

Воопшто нема ништо лошо во тоа што плаќаш месечна членарина за спортски активности и истата сакаш сега да биде покриена од фирмата во која работиш.

На крајот од денот, 1/3 од денониќието ја поминуваш закован за работното столче, па овој тип на бенефиција треба да биде број 1 на сечиј оглас за работа.

Приватно здравствено осигурување

Сè повеќе актуелна бенефиција која во нашево општество е повеќе од потребна.

Никој не сака да користи слободни денови од работа за да посети доктор, ниту пак да чека со недели за термин на државно, па затоа приватно здравствено осигурување не е некој страшен трошок за компанијата, а е голем бенефит за вработениот.

Бонуси

Бонусот е убава придобивка која ти дава мотивација да бидеш константен во работата, но не се обидувајте да го понудите ова како бенефит без соодветна пресметка на платата.

Да не заборавиме дека со поскапениот живот, она што ти е потребно е плата. Полугодишниот или годишниот бонус секако нема да ти ги подмири сметките на крајот од месецот.

Курсеви, едукација, надоградба на знаење

Ова е особено важно за младите кои сакаат да напредуваат и да учат постојано. Побарајте ваква можност, но и информирајте се за износот кој компанијата може да го покрие, како и обврзувачките договори кои ќе бидат дел од оваа понуда.

Најчесто компанијата знае да побара надомест во износот од курсевите кои сте ги користеле, доколку решите да промените работа во брзо време.

Тим билдинг активности

Можност за дружење, релаксација и бегство од рутината. Секогаш добредојдена за секого.

Работа од дома

Компаниите ја нудат како бенефиција, иако е нешто што стана нужна потреба во оваа константна трка со времето и обврските.

Сите сме свесни дека осумчасовното работно време не е само работа.

Па така, сетете се колку пати сте помислиле што сè би завршиле во текот на работното време, а да не бидете обврзани да бидете во канцеларија.

Доброволно пензинско осигурување

Сè повеќе компании одлучуваат да инвестираат во оваа бенефиција, а младите се добро запознаени дека ова е е еден вид на штедење на долг рок каде што каматата е поголема отколку да ставате пари во банка.

Овој профил е лично ваш, па така доколку утре решите да смените работно место, секако може да продолжите да си ја полните сметката за во иднина.

Ова се само мал дел од бенефитите кои ги бараат младите кога одлучуваат да побараат нова работа.

Некои работодавачи се задоволни кога ќе видат дека младите се самоуверени и знаат што сакаат, некои го дефинираат поинаку, но на крајот од денот, „додека не си побараш – нема да добиеш”, а младите и тоа како знаат да побараат сè што сакаат и сметаат дека им следува.

Секогаш ќе важи добропознатото правило „Задоволни вработени – успешна компанија”.

Извор: www.crnobelo.com